Skip to main content

Придонесот на Евреите во создавањето на современа македонска држава не е споредна епизода во нашата историја, тој е нејзин составен дел, кажа Жаклина Мучева, авторка на изложбата „Петокрака и шестокрака“

Фонд на холокаустот фејсбук профил

​​​Вистинската вредност на оваа изложба не е само она што го покажува, туку и она што не повикува да го направиме, а тоа е да паметиме, кажа синоќа Жаклина Мучева, авторка на изложбата „Петокрака и шестокрака – Евреите од Македонија во НОВ“ која беше отворена во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија во Скопје.

Изложбата е посветена на Евреите кои учествувале во создавањето на македонската државност преку нивната партиципација во антифашистичката борба и во поставување на темелите на современа македонска држава.
​

Нивниот придонес не е споредна епизода во нашата историја, тој е нејзин составен дел. ​Слободата во која денес живееме е избојувана со храброст, визија и жртва. Во нивните темели се вградени животите и делата на Евреите во Македонија. ​Затоа сеќавањето не смее да биде само поглед кон минатото, тоа мора да биде и одговорност во сегашноста. За мене оваа изложба има и посебна лична димензија. Некои од овие луѓе не се само личности од историските документи, имав привилегија лично да ги познавам, да разговарам со нив и да учам од нив, кажа Мучева на отворањето на изложбата.

Жаклина Мучева: Ова не е само изложба на фотографии, предмети и архивски сведоштва. ​Ова е изложба за луѓето / Фото: Фонд на холокаустот фејсбук профил

Изложбата содржи портрети, лични биографии, архивски документи, фотографии, автентични прогласи и историски предмети, и како што вели авторката поставката ги доближува до нас луѓето зад историските настани – партизаните, илегалците, активистите и лекарите кои се бореле за слобода. Посебно место имаат жените Еврејки кои ги надминале традиционалните општествени рамки и станале важен дел од отпорот, организацијата и борбените редови.

​Ова не е само изложба на фотографии, предмети и архивски сведоштва. ​Ова е изложба за луѓето. За нивните животи, нивната храброст, нивните идеали и нивната жртва. За луѓето кои во едно од најмрачните поглавја на човековата историја избраа да не се помират со неправдата и да не се откажат од надежта за слободата, вели Мучева.

Во преплетот на шестокраката, како симбол на еврејскиот идентитет и страдањето, и петокраката, како симбол на отпорот и антифашистичката борба, изложбата сведочи за животите и делата вградени во темелите на современата македонска држава.

Две ѕвезди, два симбола, една борба за човечко достоинство. Токму во преплетот на овие два симбола се наоѓа суштината на изложбата. ​Преку биографиите на партизаните, активистите и легалците, лекарите и жените учеснички во отпорот, оваа изложба ни овозможува да ги запознаеме луѓето зад историските настани. Да ги видиме нивните лица, да ги прочитаме нивните имиња и да се обидеме да го разбереме нивниот избор, изјави Мучева.
​

Изложбата е поставена на вториот кат на Меморијалниот центар и може да се посети до средината на декември. Влезот е слободен.

На отворањето присуствуваше и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова / Фото: Фонд на холокаустот фејсбук профил

Изложбата е проект на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам.

На отворањето присуствуваше и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која упати честитки до авторката и организаторите, истакнувајќи ја важноста на зачувувањето на историската вистина и споменот за имињата и судбините на оние што нè задолжиле нас и идните генерации.

Поврзани вести