Skip to main content

Алкалоид атакува кон нова европска титула

Македонскиот ракометен суперлигаш Алкалоид овој викенд го почнува настапот во Европскиот куп на ЕХФ во кој го освои трофејот во својот дебитантски настап пред две години.

„Освојувањето на европската титула за млад клуб како Алкалоид, составен од домашни ракометари, беше одлично. Сега се радуваме на новиот предизвик и ќе имаме максимален пристап на секој натпревар. Тоа ќе го барам и од моите играчи. Секогаш е задоволство да се настапува во Европа, а воедно меѓународните клупски натпревари носат дополнителен квалитет на тимот и посебна мотивација“, изјави денеска Лазаров.

Прв противник на Алкалоид ќе биде австриски Келаг Ферлах, која доаѓа во Скопје во добра форма и е второпласиран во домашното првенство со ефект од три победи и три нерешени по воведните шест натпревари.

„Ни доаѓа противник од земја чија репрезентација е во подем во последните години. Имаат искусни ракометари со квалитетно минато, добро се воиграни и имаат добар ракометен систем. Треба да имаме максимален респект кон Ферлах. Мораме да бидеме максимално фокусирани и дисциплинирани во сите 60 минути. Очекувам тврд натпревар со многу трчање и убави потези“, посочи Лазаров.

Првиот натпревар од пресметката меѓу Алкалоид и Ферлах е на програмата утревечер во салата „Автокоманда“ во Скопје, со почеток во 19 часот. Реваншот е закажан за идната сабота на гостински терен.

Поврзани вести