
Жител на Париз доби оригинална слика од шпанскиот уметник Пабло Пикасо вредна повеќе од милион евра на добротворна лотарија. Победникот, 58-годишниот инженер и љубител на уметноста Ари Ходара, дознал дека е добитник на видеоповик од аукциската куќа „Кристи“ во Париз, објави „Би-би-си“. Лозот чинел 100 евра.
Организаторите соопштија дека се продадени повеќе од 120.000 ливчиња, со што се собрани околу 11 милиони евра, оваа година – наменети за истражувања на Алцхајмеровата болест. Годинашната награда беше портретот „Лицето на жената“ (Tête de Femme) на Пикасо од 1941 година, на којшто е прикажана неговата партнерка и муза – француската надреалистичка уметница Дора Мар.
Ходара изјави дека го купил лозот број 94.715 за време на викендот откако случајно дознал за натпреварот. Лотаријата „Пикасо за 100 евра“, почната во 2013 година, ја организира францускиот новинар Пери Кошин со поддршка на семејството и Фондацијата на Пикасо. Од собраните средства, милион евра ќе ѝ бидат подарени на „Оперската галерија“ – сопственик на сликата, додека преостанатите пари ќе бидат насочени кон Француската фондација за истражување на Алцхајмеровата болест.
И претходните изданија на лотаријата имаа хуманитарен карактер. Во 2013 година беа собрани средства за зачувување на либанскиот град Тир, а во 2020 година – за проекти за санитација во училишта и села во Камерун, Мадагаскар и Мароко.
МИА

Македонски


