
Мојот став е јасен и непроменет, секој што постапува спротивно на законите и ги злоупотребува институциите за лични интереси мора да одговара. Владата има неселективен пристап, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски за време на посета на Росоман.
Трипуновски посочи дека како владина гарнитура, остануваат цврсто посветени на политиката на нула толеранција за корупција, особено во делот на управување со институциите.
Мора да потсетиме за разлика во едно претходно време, во време на СДСМ и ДУИ каде што се заштитуваа функционери кои што имаа направено злоупотреби, овојпат тоа не е така. Ги охрабрувам сите земјоделци и граѓани, доколку имаат сознанија за злоупотреби, манипулации или за било какви незаконски дејствија, веднаш да ги пријават“, истакна тој.
Како што соопшти МЗШВ, министерот Трипуновски очекува дека надлежните институции до крај ќе го истражат случајот.
Претходно, МВР сопшти дека полициски службеници го лишиле од слобода директорот на Државниот инспекторат за земјоделство В.А. (41) од Кочани, кој се сомничи дека примил поткуп од 50.000 евра како прва рата од вкупно побарани 100.000 евра. Против него е поднесена кривична пријава до ОЈО за ГОКК за кривичното дело „примање поткуп“ по член 357 од Кривичниот законик.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција соопшти дека до Основниот кривичен суд Скопје е побарано определување на мерка притвор за директорот на Државниот инспекторат за земјоделство осомничен за примање поткуп.

Македонски


