Skip to main content

Во МНТ почнаа пробите за „Западен експрес“ во режија на Јари Јутинен

Македонски народен театар

Во Македонскиот народен театар (МНТ) денеска почнаа пробите за претставата „Западен експрес“, во режија на Финецот Јари Јутинен, а по текст на повреќекратно наградуваниот автор од Романија Матеј Вишњек. „Западен експрес“ е копродукциски проект помеѓу МИ Филм, Sadsongskomplex:fi и МНТ.

Во претставата играат: Ивица Димитријевиќ, Мирјана Трпоквска Костовска и Васко Костовски.
Сценографијата и костимографијата се на Кристина Божурска, а како композитор се потпишува Јане Трајковски.

На првата проба присуствуваше и директорот Никола Кимовски, кој на екипата ѝ посака лесен работен процес и понатамошен успех.

Претставата раскажува приказна за луѓе од Истокот кои посегнуваат по митскиот Запад и неговото ветување за утописка иднина — само за на крај да сфатат дека возот од насловот всушност води кон илузија.

„Западен експрес“ спротивставува две динамики на движење: онаа на Ориент експрес — легендарниот воз, симбол на западниот луксуз, и онаа на Оксидентал експрес, кој не е вистински воз, туку рој миграциски тела и умови што се движат кон најблиските епицентри на „американскиот модел“, кон земјите на Европската заедница.

Авторот создава живописна фреска исполнета со проститутки и војници, дипломци и професори, музичари и актери, мигранти и затвореници. Претставата е поделена на тринаесет сцени, претежно автономни, поврзани преку авантурите на стар слеп човек кој ја проектира сенката на Едип и неговата трагична мудрост врз современите настани.

Вишњек го набљудува Западот низ погледот на Истокот и ги прикажува источните земји во нивниот обид да го стигнат западниот мираж, при што го обезвреднуваат сопствениот јазик и културен идентитет.

Во оваа претстава сите се загрозени и на раб на пропаѓање, но, од друга страна, нема апсолутно негативни простори. Со леснотија и радосно чувство за гротеска, авторот прикажува човештво и визионерската мисла што ни овозможува да разбереме каде сме и каде одиме.

Премиерната изведба се очекува во втората половина на април.

Поврзани вести