Skip to main content

Христијан Мицкоски се сретна со Андреј Пленковиќ во Брисел

Премиерот Христијан Мицкоски, во рамки на посетата на Брисел и на маргините на Конгресот на Европска народна партија (ЕПП), остварил средба со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.

Како што информираше вечерва преку својот фејсбук-профил, на средбата биле разменети мислења за актуелните предизвици со кои се соочува Европа, за регионалната соработка, како и за европската перспектива на земјите од регионот.

„На средбата беше разменето мислење за актуелните предизвици во Европа, регионалната соработка и европската перспектива, со посебен акцент на унапредување на билатералните односи и партнерството во рамки на европското семејство“, наведува Мицкоски.

Мицкоски, кој во својство на премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ престојува во Брисел со партиска делегација, до 20 март ќе учествува на Конгресот на Европската народна партија. На собирот се поканети и претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лајен, како и претседателката на Европски парламент, Роберта Мецола.

Според најавата од ВМРО-ДПМНЕ, покрај Мицкоски, во делегацијата се и генералниот секретар на партијата Драган Ковачки и членот на Извршниот комитет Стефан Андоновски, кои ќе присуствуваат на свеченоста со која ЕПП во Брисел ја одбележува 50-годишнината од своето формирање.

Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека присуството на премиерот и делегацијата на овој висок собир претставува потврда за цврстата определба на Република Македонија за европска интеграција и активна вклученост во процесите што ја дефинираат иднината на Европа. Воедно, се наведува дека учеството претставува можност за афирмација на националните интереси и за зајакнување на позицијата на државата во рамки на европското политичко семејство.

Како што додаваат од партијата, посетата ќе биде искористена и за повеќе билатерални средби на Мицкоски и партиската делегација со претседатели, премиери и лидери од семејството на Европската народна партија.

Поврзани вести