
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на отворањето на 24-часовната виртуелна конференција на Women in Tech, глобална организација насочена кон поттикнување на инклузија, разновидност и еднаквост на жените во STEM професиите (наука, технологија, инженерство и математика).
Во обраќањето, Сиљановска-Давкова ја опиша конференцијата како „невидлива линија што го поврзува светот од една временска зона до друга, од еден континент до друг“, нагласувајќи дека ако некогаш географијата ги одредувала можностите, денес знаењето и храброста ги надминуваат границите.
Според неа, жените повеќе не се исклучок во технолошките процеси, туку нивни креаторки: истражувачки умови, основачки на стартапи, инженерки и визионерки, кои ја градат инфраструктурата на иднината.
Таа потсети дека секој напредок е плод на споделено знаење и солидарност и дека кога една жена успева, отвора простор за другите, а кога создава, ги проширува нивните хоризонти.
Обраќајќи им се на младите девојки, претседателката порача дека „иднината не е однапред напишан код“, туку се гради со љубопитност, креативност и визија.
На крајот, таа укажа дека технологијата мора да биде водена од етика, емоционална интелигенција и човечко достоинство, додавајќи дека вистинскиот напредок се мери не само со иновации, туку и со вредности.
Конференцијата, во траење од 24 часа, се одржа во текот на вчерашниот ден, поврзувајќи илјадници жени од различни континенти, кои преку знаење, искуство и солидарност испишуваат заедничка женска глобална приказна.
Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката.
Во овој необичен ден и уште понеобична ноќ, разговорот не запира. Во текот на дваесет и четири часа, од една временска зона кон друга, од еден континент кон друг, се пренесуваат женската енергија, глас и визија. Додека на едно место изгрева сонцето, на друго се спушта ноќта, додека едни го започнуваат денот, други го завршуваат. Но, мислата и намерата остануваат будни зашто овој настан е потсетник дека технологијата создаде нова мрежа на човештвото во којашто жените повеќе не се периферија, туку центар на современите процеси.
Во текот на дваесет и четирите часа, светот е поврзан со невидлива линија на знаење, искуство и женска солидарност. Од Сиднеј до Скопје, од Берлин до Сингапур, од Њујорк до Токио, жените зборуваат, слушаат, споделуваат и испишуваат своја заедничка глобална приказна.
Живееме во време во коешто технологијата ја обединува планетата побрзо од кога било претходно. Во минатото, географијата ги одредуваше можностите, а денес знаењето, храброста и визијата ги надминуваат границите. Во таа нова географија што ја создава технологијата, не постојат центри и периферии на талентот, туку идеи што чекаат да бидат препознаени, поддржани и реализирани.
Долго време многу жени работеа во тишина, во средини без паритетна застапеност, во институции каде мораа да се докажуваат двојно за да им биде признаен трудот. Денес, благодарение на нивната истрајност и визија, жените не се повеќе исклучоци во светот на технологијата. Тие се истражувачки умови, основачки на стартапи, директорки на компании, програмерки, инженерки, дизајнерки, визионерки. Тие ја создаваат инфраструктурата на иднината: од вештачката интелигенција до дигиталните платформи што ги поврзуваат луѓето и економиите.
Овој глобален тек не потсетува на една наспорна вистина: успехот во современиот свет не е индивидуална трка, туку секој напредок се темели врз споделено знаење, претходни искуства и меѓусебна поддршка. Кога една жена напредува, таа отвора простор за друга и кога една создава, таа го проширува хоризонтот за многу други.
Вирџинија Вулф пишуваше дека на жената ѝ е потребна сопствена соба. Денес, жените создаваат бескраен дигитален простор: алгоритми, истражувања и иновации што влијаат врз општествата. Тие повеќе не се гости во светот на технологијата, туку се негови креаторки.
На девојките, кои денес го прават својот прв чекор во технологијата, сакам да им порачам дека иднината не е однапред напишан код. Таа се создава секој ден преку љубопитноста, креативноста и смелоста да се замисли свет што се уште не постои. Нека не дозволат никој да им каже дека нивните идеи се премногу големи или нивните амбиции премногу смели, зашто секој голем технолошки пробив започнал како нечија храбра мисла.
Кога ќе завршат овие дваесет и четири часа, ќе заврши само временската рамка на настанот, но ќе одекне женското ехо. За жените, вредностите отсекогаш биле темел врз којшто се гради напредокот. Без оглед на расната, етничката или верската припадност, тие секогаш ќе стојат на страната на правдата, правото и човечкото достоинство.
Умот не се мери само преку коефициентот на интелигенција, туку и преку емоционалната интелигенција, етиката и моралот. Затоа, да веруваме во сопствениот човечки потенцијал исто толку колку што веруваме во технологијата, што ја создаваме. Да не ја преценуваме вештачката интелигенција, зашто таа може да биде плодотворна само кога е поврзана со природната и емоционалната интелигенција на човекот.
Женската солидарност и поддршка се неопходни за да го поврзат знаењето со визијата за поинаков свет, свет воден од мир, толеранција, рамноправност и еднаквост, наместо машката потреба за доминација и супериорност. Само така технологијата ќе биде средство за човечко унапредување, а не цел сама по себе.

Македонски

