Skip to main content

Потпишан Рамковен договор за археолошка соработка меѓу Македонија и Израел

Археолошки музеј на Република Македонија, Управа за заштита на културното наследство и Israel Antiquities Authority потпишаа Рамковен договор за воспоставување и унапредување на научната и стручната соработка во областа на археологијата и заштитата на културното наследство.

Договорот беше потпишан од страна на м-р Магдалена Манаскова, директор на Археолошкиот музеј на Република Македонија, Весела Честоева, директор на Управата за заштита на културното наследство, и г. Ели Ескозидо, директор на Israel Antiquities Authority. Со договорот се предвидува реализација на заеднички истражувачки проекти, размена на експертиза, организирање научни средби и конференции, како и соработка во областа на конзервацијата и изложбената дејност.

Овој рамковен договор претставува значаен исчекор во продлабочувањето на институционалната соработка меѓу Република Македонија и Државата Израел во областа на културното наследство. Преку воспоставување стратешко партнерство со Israel Antiquities Authority, се создаваат услови за системска размена на знаења, искуства и современи практики во заштитата, истражувањето и презентацијата на археолошкото наследство. Убедени сме дека оваа соработка ќе придонесе за натамошно зацврстување на билатералните односи и за афирмација на заедничките културни вредности, рече Весела Честоева, директорка на Управата за заштита на културно наследство.

Директорката на Археолошкиот музеј, м-р Магдалена Манаскова, нагласи дека договорот отвора нови можности за научна интеграција и заеднички меѓународни иницијативи, особено во делот на археолошките истражувања, конзервација и реставрација и изложбената соработка.

Од страна на Israel Antiquities Authority беше истакнато дека партнерството претставува значаен чекор кон продлабочување на професионалната и академската соработка, со фокус на заштита и валоризација на културното наследство како универзална вредност.

Со потпишувањето на овој договор, трите институции поставуваат основа за долгорочна, стратешки ориентирана соработка, заснована врз меѓусебна доверба, почит и заедничка посветеност кон зачувување на културното наследство.

Договорот свечено се потпиша во Парламентот на Израел во Ерусалим во присуство на министерот за културно наследство , на Израел , Н.Е Амбасадорот на Р. Македонија во Израел Г-дин Шпенд Садики и Н.Е амбасадорката на Израел во Р. Македонија Vivien Aisen.

Поврзани вести