Skip to main content

Промоција на стрип-албумот „ЛОМ: Бунарот на бесконечната јанѕа” од Ивица Дукоски и Владимир Благојевиќ вечерва во Лабораториум

Во Лабораториум вечер ќе се одржи промоција на стрип-албумот „ЛОМ: Бунарот на бесконечната јанѕа” од авторите Ивица Дукоски и Владимир Благојевиќ, во издание на Фликер студио.

Како што соопштуваат организаторите, изданието е директно продолжение на стрип албумот „ЛОМ: Волшебникот од Големото Ништо“ од 2020 година. 

– ЛОМ: Бунарот на бесконечната јанѕа” е епска фантазија која го следи волшебникот Лом, кој е исправен пред тежок избор: дали да ја следи Луси низ Портата на Јанус во свет без магија, инаку познат како Тексас, или да остане во Долината на Големото Ништо и да ја прифати улогата на племенски водач. Единствениот начин Луси да се врати дома води право кон Хегем, вештер со толку лоша репутација, што дури и гласините одбиваат да му пријдат поблиску, стои во соопштението.

Ивица Дукоски е сценарист на стрип-албумите „Црната аурора” (2018), „Неонски ноќи” (2018), „Аника и Тигран” (2020) и „Светите ловци” (2021), сите со цртеж од Благојевиќ. Дукоски активно се занимава со критика на филм, музика и стрип во повеќе медиуми, а вклучен е и во организацискиот тим на меѓународниот фестивал за стрип Стрип Трип.

Владимир Благојевиќ – Владодлак е дипломиран етнолог и едукатор во Музејот на Република Македонија. Активен е во областа на илустрацијата и ракотворбите, со бројни самостојни и групни изложби. Покрај соработката со Дукоски, автор е на стрип серијалот „Патот на старите богови” (2024), а го уредува и списанието „Тешка машинерија”.

„ЛОМ: Бунарот на бесконечната јанѕа” е прво издание на Фликер Студио во областа на стрипот. Фликер Студио е издавач на арт книгите „Мезанин” на Иван Ивановски и „Flow” на Александра Ацеска. 

Поврзани вести