
Во Берлин, утре почнува 76. Меѓународен филмски фестивал познат како „Берлинале“. Најавени се 22 филма коишто ќе се натпреваруваат за главната награда – „Златна мечка“, а од нив девет се режирани од жени, објавија организаторите на фестивалот. Светска премиера на „Берлинале“ ќе има дебитантскиот филм на македонската режисерка Косара Митиќ „17“ во селекцијата Перспективи. Перспективи е натпреварувачка селекција за дебитантски филмови создадена лани, а годинава 14 се во трката за наградата Најдобро филмско деби. Фестивалот се одржува од 12 до 22 февруари.
Годинашното „Берлинале“ ќе биде отворено утре вечер со филмот „Нема добри луѓе“, од авганистанскиот режисер Шахрбан Садат.
Во главната натпреварувачка програма ќе се натпреваруваат 22 филма, меѓу кои „Со тивок глас“ (A voix basse), „Мојата сопруга плаче“ (Meine Frau weint), „Нина Роза“ и „Дете на ноќта“ (Yön lapsi). Листата ја дополнуваат „Домашни приказни“, „Жозефин“ и „Прашина“.
Претседател на жирито на фестивалот оваа година е германскиот режисер Вим Вендерс, автор на антологиските филмови „Небото над Берлин“ и „Париз-Тексас“. Режисерот ја доби почесната „Златна мечка“ за животно дело во 2015 година.
Никогаш не ми падна на памет дека ќе имам можност да застанам на чело на жирито на Фестивалот во мојот роден град. И тогаш „ми светна“ – на „Берлиналето“ ќе гледам филмови од сосема нова перспектива и ќе можам да водам длабоки дискусии со интелигентни луѓе кои имаат страст за киното, рече Вендерс.
Според директорката на Фестивалот, Триша Татл, и овогодишната програма е разновидна.
Фасцинирани сме од богатиот избор на филмови и сме прилично убедени во шармот на овие остварувања. Па така, може смело да речеме: Ако тука не најдете ништо што Ви се допаѓа, тогаш не ви се допаѓа киното, рече таа.
Глумиците Ејми Адамс која глуми во филмот „На море“, Жулиет Бинош која ќе го претстави американскиот филм „Кралица на морето“ и Сандра Хилер која глуми во филмот „Роуз“, би требало да зачекорат на црвениот тепих.
Минатогодишниот добитник на „Златната мечка“ беше норвешката романтична драма „Соништа“, во режија на Даг Јохан Хаугеруд.
Се доделуваат „Златна мечка“ за најдобар филм, „Гран при“ (Голема награда) на жирито, како и „Сребрени мечки“ за најдобар режисер, глумец, глумица, сценарио и филмска музика.
Од 1992 се доделува и наградата „Теди“ за филм што се занимава со ЛГБТ-заедницата. Во 2020 година, организаторите ја повлекоа наградата „Алфред Бауер“ за нови перспективи во филмската уметност, именувана по поранешниот директор на фестивалот, откако открија дека тој бил поврзан со нацизмот во Германија.

Македонски



