
Американскиот весник „Вашингтон пост“ објави дека неговиот извршен директор и издавач, Вил Луис, се повлекува од функцијата и тоа само неколку дена по големите отпуштања во компанијата која е камен-темелник на американското новинарство во сопственост на Џеф Безос.
Најавата од средата за план за отпуштање на околу 300 од неговите 800 новинари дојде како шок, во услови на растечко зближување меѓу сопственикот на весникот и основач на „Амазон“, Џеф Безос, и претседателот на САД, Доналд Трамп.
Во е-пошта до вработените, објавена на социјалните мрежи, од еден од новинарите на весникот, Вил Луис наведува дека „по две години трансформација на „Вашингтон пост“, вистинско време е тој да се повлече“.
Весникот објави дека Луис ќе биде заменет од замени Џеф Д’Онофрио, кој од минатата година е главен финансиски директор на „Вашингтон пост“.
Весникот, кој го откри скандалот Вотергејт и освои неколку Пулицерови награди, е во криза веќе неколку години, а британскиот новинар Вил Луис беше задолжен да го извлече весникот од ситуацијата.
За време на првиот мандат на Доналд Трамп, весникот се снаоѓаше релативно добро благодарение на неговото широко ценето известување. Но, кога републиканскиот милијардер ја напушти Белата куќа, интересот на читателите се намали и резултатите почнаа да опаѓаат.
Според медиумите, весникот е во загуба веќе неколку години. Тој претрпе голем пад на претплатниците кога менаџментот одби да заземе страна пред претседателските избори во 2024 година, на кои победи Доналд Трамп.
Под мое водство, беа донесени тешки одлуки за да се обезбеди одржлива иднина на „Пост“, за да може да испорачува висококвалитетни, непартиски вести на милиони клиенти секој ден во текот на многу години што доаѓаат“, изјави Луис.
Голем број странски дописници, вклучувајќи ги сите оние што известуваат од Блискиот Исток, како и оние од Русија и Украина, се отпуштени.
Секциите за спорт, книги, подкасти, локални вести и инфографика исто така беа значително погодени, некои дури беа речиси целосно укинати.
Овие отпуштања се срамни. Четвртиот најбогат човек во светот, Џеф Безос, е сопственик на „Вашингтон пост“. Тој може да го води со загуба до крајот на животот, но сепак одбива“, изјави Бен Браш, новинар на „Вашингтон пост“.

Македонски



