Skip to main content

Ќе наполнеше 45 години: Денеска му е роденден на Тоше Проески

На 25 јануари, 1981 година, во Прилеп е роден Тоше Проески. Музичката кариера ја почна со настапот на „Мелфест“ во 1997 година. Патот кон ѕвездите му го отворија песните „Пушти ме“ (1997) и „Остани до крај“ (1998).

Тоше беше претставник на Република Македонија за песна на Евровизија во 2004 година во Истанбул, Турција, и го освои 14. место. Во 2004 година, Проески беше именуван за регионален Амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ. По тој повод ја издаде песната „За овој свет“.

Ги објави албумите „Синот Божји“ (2000), „Некаде во ноќта“ (2001), „Ако ме погледнеш в очи“ (2003), „Ден за нас“ (2004), „По тебе“ (2005), „Божилак“ (2006), „Игри без граници“ (2007). Сингловите од албумот „По тебе“ по неколку месеци се наоѓаа на највисоките места на музичките топ-листи во Хрватска, Македонија, Србија, Црна Гора, Словенија и Босна и Херцеговина.

Неговото издание „Божилак“ е компилација од 14 избрани традиционални македонски песни. Објавени се и ДВД-изданија на негови концерти во 2004 и 2006 година. Негови најпознати хитови се „Усни на усни“, „Соба за тага“, „Ако ме погледнеш в очи“, „Тајно моја“, „Немаш ни благодарам“, „Срце не е камен“, „Кој ли ти гризе образи“ и други.

Тоше ги привршуваше студиите на Музичката академија во Скопје и работеше на музичката кариера во светски рамки.

Последниот концерт во Македонија го одржа на 5 октомври на Градскиот стадион во Скопје. Концертот беше хуманитарен и наменет за обнова на основните училишта во земјава.

Тоше Проески загина на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка во Хрватска. Постхумно Владата на Република Македонија го прогласи за заслужен граѓанин на државата, а во Крушево во негова чест е изграден меморијален центар што го носи неговото име.

Поврзани вести