Skip to main content

Универзален рецепт за лудо тесто: Може да стои во фрижидер со денови, а супер е и за кифлички и за крофни!

Freepik

Лудото тесто е меко, еластично и многу практично, бидејќи може да стои во фрижидер повеќе денови. Идеално е за кифлички, погачи, пица, крофни, солени и слатки печива. Клучот за успехот е да отстои во фрижидер.

Состојки:
  • 1 кг брашно (може пола бело, пола интегрално)
  • 2 чаши јогурт (околу 400 мл)
  • 1 чаша млеко (200-250 мл)
  • 1/2 коцки свеж квасец (околу 20 г)
  • 2 јајца
  • 3 лажици масло (плус малку за премачкување)
  • 1 лажиче сол
  • 1 лажиче шеќер (за квасецот)
  • 1 прашок за печиво (опционо, за дополнителна мекост)
Приготвување:

Во млако млеко ставете здробен квасец и шеќер. Промешајте и почекајте 10-15 минути да се запени квасецот.

Во голем сад измешајте брашно, сол и прашок за печиво. Направете вдлабнатина, па додајте ги нараснатиот квасец, јогурт, јајца, масло.

Замесете тесто, прво со лажица, а потоа со раце, додека стане мазно, меко и еластично. По потреба, додајте малку брашно, но тестото треба да остане меко.

Формирајте го тестото во топка, премачкајте го со тенок слој масло и ставете го во намрсена кеса. Истиснете го воздухот, заврзете и веднаш ставете го во фрижидер. Оставете го најмалку 3-4 часа, а идеално прекуноќ.

Извадете ја количината тесто што ви е потребна и оставете ја 15-20 минути на собна температура. Потоа расучете и направете кифлички, погачки, пица, крофни, стапчиња, панцероти или други печива. Печете на 200 степени додека зарумени.

Совети:
  • Тестото е еднакво добро и за солени и за слатки печива.
  • Што подолго стои во фрижидер толку помеко станува.
  • Можете да го користите повеќе пати, без да го месите одново.