Skip to main content
Владимир Манде Мандичевски и Маја Бабиќ од „Баги комуникации“

Во проектот „Како какао“ тргнавме со јасна намера да создадеме вредно дело со трајна културна вредност

„Као какао“ е насловот на првиот македонски мјузикл на музика на гитаристот Влатко Стефановски, кој премиерно ќе биде изведен во мај, во копродукција на „Баги комуникации“ и Македонскиот народен театар. Текстот за мјузиклот е напишан од Венко Андоновски, режисер е Дејан Пројковски. Засега во план е мјузиклот да има 19 композиции кои ќе бидат изведени во нови аранжмани направени од Бобан Мирковски. 

Приказната од мјузиклот на сцена ќе ја раскажат младите Катерина Јовановиќ и Владимир Петровиќ во двата главни лика Дона и Џими. Тие се избрани од кастинг-директорката на проектот Биљана Драгиќевиќ-Пројковска. Покрај нив, ќе учествуваат повеќе актери, екипата ќе се дополнува. За кореографијата е задолжена Олга Панго, костимограф е Марија Пупучевска, сценограф – Валентин Светозарев.

Разговаравме со Владимир Манде Мандичевски и Маја Бабиќ од „Баги комуникации“ за предизвиците , организацијата и истрајноста при реализација на вака голем проект, но и за состојбите во независната сцена.

„Као какао“ е насловот на првиот македонски мјузикл на музика на гитаристот Влатко Стефановски, во продукција на „Баги комуникации“. Станува збор за голем предизвик. Кажете ни колку време работевте на овој проект?

Маја: Идејата за „Као какао“ ја носиме речиси три години, чекајќи го вистинскиот момент да созрее. Од почеток знаевме дека станува збор за голем предизвик, затоа што мјузиклот како форма бара многу повеќе од добра идеја – бара доверба, истрајност и подготвеност за долг и интензивен процес. Последните шест месеци работиме фокусирано и посветено, со чувство на одговорност кон материјалот и кон луѓето што се дел од проектот. За нас ова не е само нова продукција, туку процес во кој внимателно се гради нешто што сакаме да трае.

Манде: Активната работа на „Као какао“ започна пред околу половина година, кога проектот влезе во извршна фаза. Предизвикот беше да се постави јасна и функционална структура што ќе го поддржи целиот креативен процес. Кај ваков проект, секој сегмент мора да биде навремено и прецизно организиран за да нема импровизации во клучните моменти. Нашата задача е да создадеме услови во кои проектот може мирно да се развива и да стигне до публиката онака како што е замислен.

Тешко е да се соберат вакви луѓе, сите врвни професионалци во својата работа, но го најавува еден од најдобрите културни проекти направени во последните децении. Како течеше соработката, договорите…­?

Маја: Од самиот почеток тргнавме со јасна намера да создадеме вредно културно дело, а не само уште еден проект. Затоа веднаш знаевме кои луѓе сакаме да бидат дел од авторскиот тим – со нив соработуваме со години и добро ги познаваме нивниот начин на работа, сензибилитетот и креативниот потенцијал. Разговорите и договорите беа продолжение на таа доверба и заедничко разбирање за одговорноста што ја носи ваков мјузикл. Во ваков комплексен процес се влегува со многу верба, но и со подготвеност за долга и истрајна работа.

Манде: Баги комуникации зад себе има речиси 35 години искуство во развој и реализација на културни проекти и тоа искуство директно го обликува начинот на кој пристапуваме кон соработките. Кога работите со професионалци кои долго време се познаваат и соработуваат, процесот на договарање е појасен и поодговорен. Тој континуитет ни овозможува да поставиме јасни очекувања и да влеземе во ваков проект со сигурност дека можеме да создадеме дело со трајна културна вредност.

Единствениот вистински предизвик беше усогласувањето на агендите на сите автори вклучени во „Као какао“, бидејќи станува збор за луѓе со интензивни распореди. Затоа ретко можевме сите да се собереме во живо, но благодарение на современите алатки за комуникација процесот течеше непречено. Фактот што прес-конференцијата беше договорена уште во средината на декември, а 16 јануари беше единствениот термин што им одговараше на сите, најдобро го илустрира тоа.

Плакатот за мјузиклот е дело на Марко Мандичевски. Што симболизира пеперутката која е направена од жица на гитара?

Маја: Од самиот почеток знаевме дека и визуелниот идентитет мора да ја отсликува естетиката и духот на претставата, а не само да биде промотивен елемент. Марко Мандичевски е автор со силен визуелен сензибилитет, а мотивот на пеперутката произлезе од еден дел од текстот на Венко Андоновски и се разви како јасна визуелна метафора.

Пеперутката е обликувана од гитарски жици – поточно од седмата жица која се провлекува и низ текстот, а нејзиното тело е врат од гитара. Бетонот на кој е поставена е препознатлив скопски мотив, но истовремено асоцира и на еден ладен и суров општествен контекст што го отежнува развојот и полетот. Во плакатот има повеќе слоеви симболика, кои публиката ќе ги чита уште појасно кога ќе ја види самата претстава.

Манде: Визуелниот идентитет е третиран како составен дел од проектот, а не како изолиран елемент. Плакатот е првиот сигнал и вовед во светот на мјузиклот, но не и конечна визуелна точка. Визуелните решенија ќе се развиваат и надградуваат паралелно со креативниот процес, како што претставата добива форма и длабочина. Истото важи и за целокупната комуникација на проектот – нашата намера е таа да отскокнува од вообичаените модели на комуникација за културни проекти и во овој сегмент да се доближиме до современите светски трендови.

Вакви проекти од независна продукција е невозможно да се направат без поддршката од општествено одговорни компании. Долго време функционирате на независната сцена и досега реализиравте бројни проекти. Колкав е предизвикот да се работи во вакви услови?

Маја: Работата на независната културна сцена кај нас е предизвик кој трае со децении, не поради недостаток на идеи или автори, туку поради условите во кои таа функционира. Во Скопје веќе повеќе од десет години постои сериозен недостиг на соодветни концертни и изведбени капацитети, што директно ја ограничува можноста проектите да се играат континуирано и да се развиваат на одржлив начин. Кога на тоа ќе се надоврзе фактот дека постои многу мал број компании кои системски поддржуваат култура, станува јасно колку е комплексно да се работи на независната сцена.

Дополнителен парадокс е што и покрај постоењето на приватни и јавни претпријатија со стабилни приходи, речиси никогаш не ги гледаме како активни поддржувачи на културни проекти. Во таков контекст, независната продукција не само што создава, туку и ја одржува жива културната сцена, и тоа без вистинска инфраструктурна или сериозна институционална поддршка.

Манде: Навистина сме среќни што поддршката за „Као какао“ дојде уште во најраната фаза, кога проектот постоеше само како идеја. Тие партнери ја препознаа и вредноста, но и комплексноста на ваков процес. Мјузиклот е обемна и долготрајна продукција – вклучува голем број автори, музичари, актери и луѓе зад сцената, а процесот на создавање трае со месеци, понекогаш и со години.

Токму затоа е важно јавно да се каже дека проектот не би можел да започне без поддршката на Триглав, Шпаркасе Банка, Тиквеш, Виталија и Божиновски часовници, кои застанаа зад „Као какао“ во момент кога тој беше на хартија. За нас, оваа поддршка е јасна порака дека културата не е спореден сегмент, туку вредност во која вреди да се вложува сериозно и одговорно.

Се надеваме дека во периодот што следи кон проектот ќе се приклучат и други општествено одговорни компании и дека во мај заедно ќе создадеме вистински културен празник.

БЕАМ (Best of Event Awards Macedonia) е ваш проект на кој од 2023 година доделувате професионална награда на компании, агенции и институции за најдобрите и најквалитетни настани во изминатата година. Од каде идејата за ваков проект?

Маја: Идејата за БЕАМ произлезе од многу јасна потреба. Вакви фестивали и професионални награди постојат во сите земји каде што ивент-индустријата е развиена и препознаена како сериозна економска и креативна гранка. Кај нас таа валоризација недостасуваше. БЕАМ се роди во време на пандемијата, кога многу јасно се покажа дека ниту јавноста, ниту државните структури навистина ја разбираат сложеноста и обемот на оваа индустрија.

БЕАМ е фестивал што ги наградува најдобрите и најквалитетните настани реализирани во текот на изминатата година, во повеќе категории. Оценувањето го врши 20-члено жири составено од врвни професионалци од различни сегменти на индустријата, по однапред утврдени критериуми и со прецизен, транспарентен систем на бодување. Досега реализиравме три изданија, на прагот сме на четвртото, и секоја година фестивалот расте – и по обем, и по релевантност, и по влијание.

Манде: БЕАМ е проект на Маја и на колегите од ИВАП, и искрено, на самиот почеток јас не бев меѓу најголемите оптимисти. Познавајќи го нашиот менталитет и односот кон вакви иницијативи, дури и се обидував да ја одвратам од идејата. Но времето, резултатите и континуитетот многу јасно ме демантираа.

Денес, со она што БЕАМ го има постигнато за релативно краток период, и со јасните планови за неговиот понатамошен развој, сосема е јасно дека станува збор за платформа со сериозен потенцијал. Убеден сум дека во следните години БЕАМ ќе израсне во релевантна регионална точка за ивент-индустријата – место каде што квалитетот се препознава, се мери и се вреднува на професионален начин.

Токму успехот и стабилноста на БЕАМ нè охрабрија да размислуваме и пошироко, па ова е и прва јавна најава дека од следната година планираме да иницираме фестивал посветен на вреднување на музичкото творештво. Веруваме дека и музиката заслужува сериозна, професионална и континуирана платформа што ќе го препознава и ќе го вреднува авторскиот квалитет на целото творечко поле.

Го возобновивте „Глумците пеат“ врз основа на оригиналната идеја на актерот Марин Бабиќ. Шоуто и денес го носи неговиот дух – со енергија што ја носите Вие како негова ќерка која заедно со вашата сестра сте продуцентки и целиот креативен тим и учесниците на и зад сцената. Задоволни ли сте од досегашната реализација?

Маја: „Глумците пеат“ носи посебна и длабока емотивна нота за мене и за мојата сестра Ира. Тоа е проект што е нераскинливо поврзан со нашиот татко, Марин Бабиќ, и со неговата оригинална идеја, но и со духот што тој го остави зад себе.

„Глумците пеат“ годинава го доживува своето четврто возобновено издание. Се трудиме да го задржиме основниот концепт на нашиот татко, но истовремено внимателно да тестираме нови форми и сценски решенија кои сметаме дека се соодветни за денешното време. Шоуто традиционално се прави во чест на Светскиот ден на театарот, 27 март, па годинава ќе се одржи на 24 и 25 март во Македонски народен театар.

Тие два дена актерите добиваат можност да се претстават пред публиката во едно поинакво светло – преку музика, хумор и сите свои таленти што не секогаш имаат простор да ги покажат на сцената. Ова е шоу во кое и публиката и актерите треба искрено да се забавуваат. Искрено сме задоволни од тоа како публиката го прифаќа „Глумците пеат“, а најголемата радост за нас е чувството дека нашиот татко Марин продолжува да живее – во спомените, преку своето дело и, на некој начин, и понатаму на театарската сцена.

Манде: Однадвор гледано, „Глумците пеат“ е забавно и лесно шоу, но зад него стои сериозна продукциска работа и голема одговорност. Континуитетот и интересот на публиката ни се јасен показател дека проектот е жив, релевантен и дека со секое ново издание успева да ја задржи својата енергија и смисла.

Се чини дека независната сцена го имаше најголемиот предизвик во периодот на ковид пандемијата. Се вратија ли на свое место работите или сеуште се чувстуваат последиците?

Маја: По ковид-периодот, работите во голема мера се вратија на свое место. Но пандемијата ни остави нешто многу поважно од самото „враќање“ – нè научи на поголема флексибилност, поинакво размислување и подобра организација. Ни покажа дека независната сцена е многу пожилава и посилна отколку што и самите сме мислеле.

Манде: Ковид-периодот беше силен тест, но и потврда дека знаеме да се прилагодуваме. По тој период работиме поосвестено, со поголема дисциплина и со појасна слика што е навистина важно во еден продукциски процес. Тоа искуство, на долг рок, нè направи посилни и поподготвени.

28 години сте партнери во приватниот и во професионалниот живот. Колку тоа ви олеснува или ја отежнува соработката?

Маја: Ние прво станавме животни партнери, а дури потоа и партнери во работата. Меѓусебната почит, довербата и чувството за заедничка одговорност го одредија начинот на кој функционираме и во животот и во професијата.

Во тие 28 години поминавме низ сè што поминува секоја долготрајна врска – подеми и падови, сериозни здравствени предизвици, грижи и радости, растење на децата. Тие искуства нè направија посилни како луѓе и ни дадоа стабилност што денес јасно се чувствува и во работата.

Манде за мене е мојот најголем учител и ментор и неговото мислење ми е најважно токму затоа што ме познава целосно – ги знае моите капацитети, моите слабости и целта кон која се стремам. Често знае да биде критичен и не секогаш е лесно да се слушне тоа, но токму тие моменти најмногу ме придвижиле напред и ме направиле подобра. Јас по природа сум непоправлив оптимист, а тој реалист со доза на песимизам и токму таа спротивност низ годините се покажа како нашиот најсилен баланс. Кога јас имам потреба да „летнам“ малку повисоко, тој ме приземјува, а многу често мојот оптимизам турнал напред идеи и процеси кои инаку можеби никогаш немаше да започнат.

Манде: По толку години заедно, и во животот и во работата, соработката станува практична и реална – без многу драматизација и без непотребни објаснувања. Начинот на живеење што го носи оваа професија е дел од нашето секојдневие.

Јас сум свесен дека не сум најлесниот човек ниту за живот, ниту за работа, но Маја некако успешно се справува со тоа. Не секогаш се согласуваме, но токму различниот карактер ни го дава балансот. Секогаш сум сметал дека една од најсилните страни на Маја е тоа што брзо учи и знае да ги прифати работите без суета. Тоа е ретка особина и една од причините зошто функционираме добро како тим. На пример, јас не сум најголемиот пријател со новите дигитални технологии, и тука таа е незаменлива – со прецизноста во организацијата и документацијата, па често се шегуваме дека без неа половина работи би ги изгубил или измешал. На крајот, најважно е дека и во животот и во работата имаме заедничка цел: партнерството да остане стабилно, а проектите да бидат направени како што треба.

Разговараше: Невена Поповска

фото: приватна архива

Поврзани вести