
Претставата „Кротка“ работена по истоимената новела од Фјодор М. Достоевски во продукција на Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ од Кавадарци ќе биде изведена вечерва во 20 часот во Драмскиот театар во Скопје. Уметничкиот тим на претставата го сочинуваат Пепи Ангелов и режисерката Микица Илова, и актерот Сашко Орешков.
Монодрамата „Кротка“ е драмска адаптација на истоимената новела од Фјодор М. Достоевски, која се базира на длабока психолошка анализа на еден човек што се соочува со ненадејната смрт на својата сопруга — млада, тивка и кротка девојка.
Монодрамата претставува исповед на човекот кој, во состојба на шок и вина, се обидува да го реконструира текот на нивниот однос, да ја разбере тишината на својата жена и причините за нејзиното самоубиство. Љубовта е претставена не како хармонија, туку како борба за доминација и разбирање. Монологот е исповед, но и обид за самооправдување пред себе, пред телото на мртвата жена и пред Бог. Монодрамата се изведува од еден актер кој го игра сопругот, во состојба на ментална растроеност.
Тој ѝ се обраќа на сопругата, која лежи мртва во собата, и преку фрагментиран, емоционално набиен говор ги разоткрива нивниот брак, сопствената неспособност за емпатија и нејзината кроткост што со текот на времето станува безгласен крик. Делото е исполнето со експресивни монолози, внатрешен дијалог, и се движи на границата помеѓу реалноста и халуцинацијата. Тонот е интимен, со постојани промени на емоционалната состојба — од рамнодушност, до изблик на вина, страв и очај. „Кротката“ не е само лик туку и архетип — симбол на жртвата, на жената задушена од патријархалниот морал, од грубоста на светот и од студенилото на еден маж кој не знае како да сака.

Македонски





