Skip to main content

Инженерската институција со Повик за избор на млад инженер на годината

Инженерската институција на Македонија, по втор пат, годинава избира Млад инженер на годината. На повикот којшто ќе трае до 8 февруари може да се пријават сите млади инженери до 35 години, вклучувајќи ги и оние со 35 години.

Освен возраста, новиот Млад инженер на годината ќе се избира согласно постигнатите инженерски резултати во 2025 година, лидерството и инспирацијата за младите, креативноста и иновативноста, споделувањето знаење, ангажирањето во заедницата и општествено и етичкото влијание на околината.

Наградата е платено учество на Европската конференција на млади инженери, а од пријавените кандидати, во потесна селекција ќе бидат избрани пет лица за кои гласа Комисија на ИМИ и од нив ќе се избере победникот. Комисијата брои најмалку 23 члена и е составена од претставници на Клубот на млади инженери, Клубот на носители на инженерски прстен, медиуми, студенти, професори, соработници на ИМИ, претставници од компании-партнери на ИМИ и јавни личности.

Сите заинтересирани може да конкурираат на следниот линк https://forms.gle/Ns6BC7R7Wsemkd2g8.

Повод за доделување на признанието е 21 март – Денот на македонските инженери, а целта е да се промовираат младите инженери на национално и меѓународно ниво што ќе придонесе младите луѓе да се насочуваат кон инженерската професија.

Свеченото прогласување е закажано за март годинава по повод Денот на македонските инженери. Минатата година со ова признание се закити Филип Попоски од Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Тој го доби признанието за професионални достигнувања во изминатата година. На конкурсот во 2025 година беа пријавени 52 кандидати, а Попоски беше избран анонимно од жири составено од 47 претставници од медиумите, компании, академската заедница и јавниот живот.

Поврзани вести