
Најмалку тројца Палестинци се убиени во Газа во два израелски напади врз енклавата, соопштија локалните здравствени службеници.
Медицинските службеници изјавија дека еден Палестинец е убиен во населбата Туфа во градот Газа, област под палестинска контрола. Другите двајца се убиени во градот Бани Сухалија, источно од Кан Јунис, дел од појасот што сè уште е окупиран од Израел.
Израелската војска сè уште не ги коментирала нападите.
Борбите во голема мера се смирија откако Израел и групата Хамас потпишаа договор за прекин на огнот во октомври, но борбите не престанаа целосно. Израел и Хамас се обвинуваат меѓусебно за кршење на примирјето.
Функционер на Хамас денеска изјави дека организацијата побарала медијатори да ги спречат „секојдневните убиства од страна на Израел, кои имаат за цел да го поткопаат прекинот на огнот“.
Во исто време, има информации дека израелските сили и Хамас се подготвуваат да продолжат со борбите во Појасот Газа, објави ДПА.
Израелската армија изготви планови за нови воени операции во Газа во март, изјавија израелски функционер и арапски дипломат за весникот „Тајмс оф Израел“.
Според дипломатот, операцијата нема да напредува без поддршка од САД, кои инсистираат на спроведување на втората фаза од договорот, според која Хамас мора да се разоружа и да се распоредат меѓународни стабилизациски сили во Газа.
„Волстрит џурнал“ објави дека Хамас, исто така, се подготвува да ги продолжи борбите. Групата започна со обнова на некои од своите подземни тунели, изјавија арапски и израелски претставници за изданието. Групата, исто така, собра нови средства за да ги плати своите борци и да регрутира нови, додаде „Волстрит џурнал“.
Израелски претставници изјавија за американскиот дневен весник дека Израел е подготвен да даде повеќе време за спроведување на мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп. Сепак, одлуката за новите воени планови е во рацете на политичкото раководство на Израел, цитиран е друг официјален извор во „Израел“.

Македонски




