
Од наплата на патарини од почетокот на минатата година заклучно со 23-ти декември остварен е промет од 4.158.914.362 денари (67.624.624 евра).
Според досегашниот остварен промет, 2025-та ќе биде рекордна ако се има предвид фактот што, заклучно со 23.12.2025, остварениот вкупен промет е веќе зголемен во однос на претходно рекордната наплата од 2024 година и е зголемена за над 71 милион денари, а декември сѐ уште не е завршен. До 23.12.2025 година остварен е промет во висина од 4.158.914.362,00 денари (67.624,624 евра), информира за МИА Коце Трајановски, директор на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).
Тој посочува дека приходот од наплатата од патарини има постојан пораст во изминатите години. Прегледот на вкупно остварениот промет по основ на наплатена патарина, продажба на електронски уреди, надополнување на електронските уреди, плаќање на билети за ненаплатена патарина како и на средства наплатени преку платформата Отворен Балкан (започнувајќи од летото 2023) покажува дека во 2020 биле наплатени 34.029.562 евра, во 2021 година 46.401.122 евра, во 2022 година 53.242.070 евра, во 2023 година 62.077.966 евра, а во 2024 година 66.463.963 евра.
Од ЈПДП споделуваат дека по повикот за воспоставување поширока мрежа на достапност за купување и надополнување на уредот М-ТАГ, склучен е договор за продажба, дистрибуција и наплата на патарина со уреди за електронска наплата на патарина (таг) со правните лица А1 Македонија и Македонски телеком.
Во моментот се извршува интеграција на апликативните софтвери помеѓу ЈПДП и правните лица за пуштање во употреба на бараните услуги со М-ТАГ, информираат од ЈПДП.
Собранието во јуни изгласа измени на Законот за јавни патишта со кои се создаде правна основа за објава на повик за избор на оператор за поставување малопродажна мрежа низ државата за надополнувањето на електронските уреди – М-карта и М-таг. Тоа сега се прави само во просториите на ЈПДП. Искуствата во другите држави со ваквиот начин на продажба покажуваат дека електронските уреди за наплата на патарина станале подостапни до корисниците и оти нивниот број се зголемил. Се очекуваат придобивки со забрзување на протокот на сообраќај на наплатните станици, зголемување на ефикасноста на наплатните станици, зголемување на безбедноста во сообраќајот, намалување на злоупотребите и зголемување на задоволството на корисниците.

Македонски






