
Главната пречка во тековните мировни преговори за Украина е контролата врз околу 20 проценти од Доњецката област, дел што во моментов е под надлежност на Киев, изјави американскиот државен секретар Марко Рубио.
Според него, разговорите се фокусирани на територија широка меѓу 30 и 50 километри, а веќе има напредок во проценките за тоа какви безбедносни гаранции Украина би можела да прифати во рамките на евентуален договор.
Рубио нагласи дека, иако многумина очекувале „лесен мировен договор“, реалноста на терен покажала дека станува збор за исклучително комплексен и крвав конфликт.
„Русите губат околу 7.000 војници неделно – повеќе отколку што САД изгубиле во некои цели војни“, изјави тој, додавајќи дека загубите и уништувањата на украинска страна се подеднакво сериозни.
Американскиот државен секретар истакна дека целта на преговорите е да се постигне долгорочна стабилност, економска реконструкција на Украина и спречување идни напади.
„Ако Украина ги направи вистинските чекори, за десет години нејзиниот БДП може да го надмине рускиот“, кажа Рубио.
Тој оцени дека САД остануваат единствената земја способна да разговара со двете страни. Притоа потсети дека американскиот претседател Доналд Трамп вложил значителен напор да го премости јазот меѓу Киев и Москва.
„Ангажирани сме затоа што никој друг не може да го направи тоа. Европа нема капацитет, Кина не може. Единствениот лидер кој може да разговара со двете страни е претседателот Трамп“, рече Рубио.
Тој предупреди дека не е реално конфликтот да продолжи со години, ниту пак постојано да се финансира одбраната на Украина во сегашниот обем.
„Тоа не е одржливо – ниту за САД, ниту за Русија. Москва нема капацитет да води ваква војна уште пет години“, оцени тој.
Рубио потсети дека украинските сили веќе успеале да потиснат дел од руските трупи, но истовремено истакна дека конфликтот прераснал во војна на исцрпување, во која Кремљ прифаќа огромни човечки загуби.
„Украинците постигнаа многу благодарение на храброста и одлучноста, но Русија е подготвена да губи илјадници секоја недела“, изјави тој.
Според Рубио, конечната одлука за запирање на војната останува во рацете на рускиот претседател Владимир Путин. Преговорите траат веќе десет месеци – има напредок, но недоволен за целосен мировен договор.
„Ќе продолжиме да ги приближуваме двете страни за да најдеме решение со кое и двете ќе можат да живеат. Мислам дека сме блиску до вистински чекор напред“, заклучи тој.

Македонски






