
Белгискиот премиер Барт де Вевер во писмо упатено синоќа до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен оцени дека планот за т.н. „заем за репарации“, кој предвидува користење на 140 милијарди евра од замрзнатите руски средства во ЕУ за исплата на финансиска поддршка на Украина е „фундаментално погрешен“, може да создаде сериозни економски и геополитички последици.
Де Вевер во писмото од четири страни појаснува дека најавените мерки од страна на Фон дер Лајен не се доволна гаранција дека Белгија би била заштитена од евентуални правни последици од планот и дека нема да биде оставена сама да ги враќа искористените средства доколу се појави таква потреба.
Според Де Вевер, планот дополнително би можело да го загрози угледот на депозитарот на хартии од вредност со седиште во Брисел, „Еуроклир“, каде се наоѓаат најголемиот дел од замрзнатите руски суверени средства во ЕУ или речиси 180 милијарди евра.
Не би било праведно и фер да се очекува трошоците и ризиците од планот да бидат на товар на Белгија, ако сите би имале корист од него, додава Де Вевер.
Реакцијата на Де Вевер следи по писмото на Фон дер Лајен упатено до лидерите на државите членки на ЕУ минатиот понеделник околу исплатата на финансиска поддршка на Украина и најавите на Европската комисија на почетокот на неделава дека е подготвена следната недела да предложи законски текст за реализација на планот за „заем за репарации“.
Во писмото до лидерите на ЕУ, Фон дер Лајен наведе дека Белгија нема да биде оставена сама да се соочува со евентуалните ризици, доколку биде постигнат договор за користење на замрзнатите руски суверени средства за поддршка на Украина и дека земјите членки ќе ѝ обезбедат „правно обврзувачки, безусловни, неповратни и повратни гаранции“.
Таа наведе дека Комисијата „идентификувала три главни опции“ за обезбедување на средствата – исплата на грантови или субвенции од сите или што е можно повеќе земји членки на ЕУ согласно висината на нивниот БДП, самата ЕК да позајмува пари на пазарите на капитал со што би се зголемил долгот на ЕУ, како и користење на замрзнатите средства на руската Централна банка за позајмица со условна обврска за враќање или т.н. заем за репарации, опција, која според неа е „најпреферирана“.
Сепак, според Де Вевер, ветувањата наведени во писмото на Фон дер Лајен „не ја отстраниле загриженоста на Белгија“, која, како што вели „не е академска, туку реална“, а дополнително тој изразува изненадување и од „целосниот недостиг на разбирање“ од страна на лидерите на ЕУ за правните и финансиските ризици од „заемот за репарации“.
Де Вевер додава дека планот би можел да ги поттикне инвеститорите да ги повлечат своите средства од „Eуроклир“ и останатите европски депозитари, што би ги „засилило системските ризици“ по Еврозоната и потенцијално би го дестабилизирало еврото.
Тој посочува дека Белгија ризикува за загуби евентуален случајот покренат против неа од страна Русија пред меѓународен арбитражен суд поради користењето на средствата, споредувајќи ги ризиците со пример од воздухопловството.
Авионите се најбезбедниот начин на транспорт и шансите за несреќа се мали, но во случај на несреќа, последиците се катастрофални, посочува белгискиот премиер.
Како алтернатива, Де Вевер предлага поддршката на Украина да се исплати од неискористените средства од тековниот седумгодишен буџет на ЕУ, кој е со важност до крајот на 2026 година.
Де Вевер, дополнително, предупредува и дека брзањето со усвојувањето на планот за користење на замрзнатите руски средства би можело да има последици по мировните преговори меѓу Украина и Русија.
Со брзото усвојување со предложениот план за заем за репарации, ЕУ би можела го попречи постигнувањето на евентуален мировен договор, наведе Де Вевер.
Сепак, Де Вевер остава можност Белгија да се согласи на „заемот за репарации“, доколку добие „целосна гаранција“ од страна на земјите членки, дека ќе помогнат во одржување на ликвидноста на „Еуроклир“ со покривање на целосниот износ на искористените средства доколку се јави потреба за тоа. Ваквата „целосна гаранција“, според Де Вевер би требало да биде потпишана од страна на лидерите на земјите членки, заедно со евентуалната одлука за исплата на „заемот за репарации“ на Украина.
Постојат мали шанси за консензус од страна на земјите членки за ваквата идеја на Де Вевер, во услови кога некои од нив потсетуваат дека Белгија со години заработува милијарди од наплата на даноци на профитот генериран од замрзнатите руски средства. Само лани по овој основ Белгија оствари приход од 1,7 милијарди евра.
На ваквите забелешки Белгија одговара дека средствата заработени од руските средства биле „наменски“ користени за потребите на Киев.
Лидерите на ЕУ на октомврискиот Самит и поставија рок на Европската комисија до следниот нивни собири кон средината на декември, да им достави предлог за покривање на финансиските потреби на Украина за 2026 и 2027 година.
Доколку, сепак Европската комисија не успее да ја разубеди Белгија до декемврискиот Самит, таа според еврокомесарот за економија Валдис Домбровскис би можел да побара од партнерите на ЕУ од Г7 да ги забрзаат исплатите на ветениот заем за Украина.
Домбровскис во интервју за „Еурактив“ наведува дека заемот што и беше ветен на Украина од страна на Г7 во јуни минатата година и која требаше да ѝ се достави на рати во претстојните неколку години, би можел да и биде исплатен предвреме, со цел земјата да ги покрие своите финансиски потреби.
Во разговори сме со други меѓународни донатори, за да видиме дали нивната поддршка може да се исплати однапред до почетокот на следната годината, изјави Домбровскис, додавајќи дека тие „донатори“ ги вклучуваат Велика Британија, Канада, Јапонија и САД.

Македонски








