
Претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп изјави дека е подготвен да изврши напади во територијата на Мексико доколку е потребно за да се спречи криумчарењето нелегални наркотици во САД.
Дали би наредил напади на Мексико за да ја запреме дрогата? За мене тоа е во ред. Што и да е неопходно за да ја запреме дрогата. Го набљудував Мексико Сити за време на викендот. Таму има сериозни проблеми, рече претседателот на САД вчера во Белата куќа, пренесува „Хил“.
На прашањето на новинарите дали би побарал дозвола од мексиканската влада за започнување напади, Трамп одговори дека нема да одговори на тоа прашање и додаде дека е во контакт со властите во Мексико Сити. – Тие знаат каков е мојот став, рече Трамп.
Претседателот на САД навести дека ќе му се обрати на Конгресот и ќе побара дозвола за напади и предвиде дека таквите потези би биле поддржани од пратениците на двете партии. – Значи, вака ќе кажам: Не сум задоволен од Мексико, рече Трамп.
Администрацијата на Доналд Трамп планира мисија за испраќање разузнавачки службеници и американски војници во Мексико заради пресметка со нарко-картелите, иако разговорите за обемот на мисијата сè уште траат и конечна одлука сè уште не е донесена, објави Ен-Би-Си Њуз претходно овој месец.
Американската крајбрежна стража соопшти на 6 ноември дека во текот на фискалната 2025 година запленила скоро 231.000 килограми кокаин на Карибите и источниот дел на Тихиот Океан.
Потенцијалните напади на територијата на Мексико би ја прошириле кампањата на претседателот за сузбивање на трговијата со наркотици во Централна и Јужна Америка, со оглед на тоа што американската војска во моментов уништува бродови за кои се сомнева дека криумчарат дрога на Карибите и источниот Пацифик.
Досега, американската војска кренала во воздух 21 пловило, при што загинале најмалку 83 лица, кои администрацијата ги нарече нарко-терористи.
Стејт департментот во февруари означи шест мексикански нарко-картели, заедно со венецуелската банда Трен де Арагва и МС-13, како странски терористички организации.
Трамп, исто така, навести дека би бил отворен за уништување на фабрики за кокаин во Колумбија, тврдејќи дека тоа би спасило милиони Американци.
Колумбија има фабрики за кокаин каде што се произведува кокаин. Дали би ги уништил тие фабрики? Би ми била чест лично да го направам тоа. Не реков дека ќе го направам тоа, но би ми била чест, бидејќи со тоа би спасиле милиони животи, истакна Трамп.

Македонски









