
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вчера изјави дека до него пристигнала нова информација поткрепена со документи, која укажува на можни незаконитости во работењето на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“.
„Дополнително има една информација која стигна до мене, поткрепена со документи. Повикувам надлежните институции да постапуваат, бидејќи станува збор за ангажман на возила за чистење преку Комунална хигиена, а истите возила се плаќани на име на физички лица кои добивале интелектуални услуги во износ од пет до десет илјади евра“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека очекува надлежните институции да го испитаат случајот и да преземат соодветни мерки.
„Повикувам институциите одговорни и надлежни да ја испитаат работата. Јас најавив дека ќе има одговорност и ревизии. Вечерва ве информирам дека имаме сериозни индиции за прекршување на законите, особено во Комунална хигиена“, нагласи синоќа градоначалникот.
Ѓорѓиевски посочи дека во наредните денови ќе се извршат проверки и во останатите јавни претпријатија под надлежност на Градот Скопје.

Македонски







