
5 НОЕМВРИ (СРЕДА) 20:00 ч.
ХАЈ-ФАЈ
(HI-FI)
Игран филм, Македонија
1987, 102 мин., колор, 35 мм
Режија: Владимир Блажевски (Vladimir Blazhevski)
Сценарио: Горан Стефановски (Goran Stefanovski)
Улоги: Фабијан Шоваговиќ, Данчо Чевревски, Елизабета Ѓоревска, Вукосава Донева, Мето Јовановски (Fabijan Šovagović, Dancho Chevrevski, Elizabeta Gjorevska, Meto Jovanovski)
Преку фрагмент од животот на Борис и неговиот син Матеј, филмот зборува за судирот на генерациите, за создадениот јаз поради идеолошката обоеност која едниот ја има, а другиот не ја поседува или, пак, кај него се манифестира на друг начин, и низ поинаквото однесување во умеењето или неумеењето да се помине животот достојно за едно човечко битие… Политичкиот затвореник Борис, по неколкуте години минати во затвор, се враќа дома. Во станот во кој по разводот со жената живее сам, вселен е неговиот син Матеј. Синот е веќе возрасен човек кој се обидува да заработи и да се афирмира како музичар. Во станот е сместено импровизирано тонско студио. Начинот на кој живее Матеј, неговата врска со девојката Мира, луѓето со кои тој контактира не му се допаѓаат на Борис. Тој смета дека е тоа бесмислен живот, без планови и идеали.
За ваквата трансформација на синот тој ја обвинува поранешната сопруга која е успешна во професионалната кариера, но затоа нема авторитет пред синот и единственото што може да го направи е да ја обезбедува неговата материјална егзистенција. Уште еден неочекуван пораз го погодува Борис. Жената со која сака да го помине преостанатиот дел од животот, умира. Според него, сега единственото што може да го направи – е да го „врати“ синот на вистинскиот пат и да му покаже дека човек треба достојно да го минува времето што му е дадено. Она што му преостанува е да воведе суров режим во животот на синот. Ги прекинува сите негови контакти. Го врзува со лисици, а сите потреби и сета комуникација ја презема на себе. Според мислењето на Борис, сè што се случува е лично меѓу нив двајцата. Тој врши и вербална и физичка тортура врз синот, инсистирајќи тој да се согласи дека животот што го водел е залуден. Матеј не се согласува со ставот на таткото, но пасивниот отпор што го покажува го заплашува Борис.
Нивните денови минуваат во играње шах и во пречукување на затворскиот дневник што Борис го водел секојдневно и без исклучок во затворот. Најпосле, Борис сепак го ослободува синот. Тие тргнуваат на пат кон родното село на таткото…
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 150 денари

Македонски






