
Претставата „Три милиони минути“ во продукција на Местно гледалишче љубљанско од Словенија, ќе биде изведена вечерва во 20 часот на сцената на Фестивалот РУТА кој се одржува во Драмски театар во Скопје.
Претставата е според филмското сценарио „7 години“. „7 години“ (2016), во продукција на „Нетфликс“ е првиот филм што таа платформа го има снимено на шпански јазик. Авторот на сценариото, Хозе Кабеза, е професор по сценарио на Универзитетот „Реј Хуан Карлос“ во Мадрид. По успехот на филмот следуваа повеќе театарски адаптации.
Психолошки трилер што се одвива во една просторија, на маса, на која е поставена шаховска табла. Адаптацијата за МГЛ е на Барбара Хинг-Самобор. Режисерката годините од насловот на пиесата ги претвори во минути, и пред сè, сите пет улоги ги подели на актерки. Тематиката на сексизмот, која во оригиналот е многу недвосмислена, во словенечката адаптација се провлекува во позадина, но само на прв поглед.
Актерската екипа е составена од актерки, што е посебен квалитет на адаптацијата, додека во оригиналот настапуваат четири мажи и една жена. Четири пријателки се долгогодишни партнерки и основачи на успешна компанија. Освен успехот и многуте спомени, имаат и заедничка „деловна тајна“. Веќе долго време водат двојно книговодство: парите ги уплаќаат на сметка во Швајцарија и со тоа затајуваат данок. Главната меѓу нив дознава дека ги следи финансиска полиција и дека агентите секој миг може да побараат увид во компјутерите и другите досиеја. Адвокатката им нуди решение: ако една од партнерките го препише затаениот профит на себе, вината ќе падне само врз неа. Таа што ќе се жртвува ќе оди на предвидените седум години затвор и ќе ги спаси преостанатите три, а со тоа и компанијата. Вознемирената четворка најмува медијаторка за да им помогне да постигнат спогодбен и разумен избор. Елементите на корпоративен трилер и крими-драма за време на медијацијата се претвораат во напната игра на нивните психологии.
Улогите ги толкуваат: Јудита Зидар, Тјаша Железник, Мојца Функл, Дијана Коленц, Клара Кук и Јана Зупанчич.
 
                    
 
                         Македонски
Македонски








