Skip to main content

Поголемите даноци на тутунот во ЕУ ќе го поттикнат шверцот на цигари, смета БАТ

Плановите на ЕУ за драстично зголемување на даноците за тутун и за алтернативните производи ќе ја поттикне илегалната трговија со цигари во Европа, по примерот на Австралија, предупреди комерцијалниот директор на „Бритиш Американ Тобако“ (БАТ), Кингсли Витон.

Според него, со зголемување на давачките шверцерите ќе остваруваат профит дури и во случај ако им бидат запленат 24 од 25 контејнери со шверцувани цигари.

Витон оценува дека Европа би можела да ги повтори грешките на Австралија која значително го зголеми данокот на тутун, што, според него, резултирало со драстично зголемување на шверцот на цигари.

Високите акцизи и строгите регулативи придонесоа 80 отсто од продажбата (на цигари во Австралија) да биде илегална, тврди Витон.

Според студија на „ФТИ Консалтин“, заложбите на Австралија за намалување на пушењето преку повисоки давачки за цигарите и зајакнатите забрани за пушење се претвориле во фарса, зголемувајќи го проблемот со шверц на тутун и тутунски производи и им донеле околу 10 милијарди долари годишни приходи на криминалните шверцерски групи.

Во студијата се тврди дека мерките против пушењето резултирале со раст на уделот на илегалната продажба на цигари во Австралија од 14 проценти во 2018 година, на 39,4 отсто во 2024, а се претпоставува дека до средината на оваа година таа стапка можеби достигнала и до 50 проценти.

– Можеме да заклучиме дека стратегијата за оданочување и ограничување на зависноста од никотин е целосен неуспех, се оценува во студијата.

Но, и покрај ваквите оценки, Европската комисијата во рамки на својата цел за искоренување на пушењето во ЕУ до 2040 година, предложи зголемување на данокот за цигари за 139 отсто и воведување построги правила за алтернативите на производите од тутун.

Ваквите мерки Еврокомисијата ги оправдува со податоците дека речиси 700.000 смртни случаи годишно во ЕУ се поврзани со употребата на тутун и со нив би можел да се избегне „најголемиот здравствен ризик во блокот“. Според овие податоци, околу половина од пушачите во просек умираат 14 години порано од непушачите.

Статистичките податоци укажуваат дека и покрај досега преземените мерки за намалување на пушењето во ЕУ во последните години, пушачи се 26 отсто од жителите на блокот. Тој процент е уште поголем кај младите Европејци на возраст од 15 до 24 години и изнесува 29 отсто. Ова претставува особена загриженост имајќи предвид дека 93 проценти од пушачите почнале да пушат пред да наполнат 26 години.

За справување со ваквата ситуација, Европската унија презеде разни мерки за намалување на користењето на тутунот преку законодавни акт, препораки и информативни кампањи. За таа цел беа воведени нови правила за пакување и етикетирање на тутунските производи, ограничувања на нивното рекламирање, зајакнување на правилата за забрана за пушење, раст на даноците и останатите давачки и засилување на борбата против шверцот на цигари.

Дополнително, Комисијата ги отфрла тврдењата дека ваквите мерки ќе ја поттикнат илегалната трговија со цигари, тврдејќи дека хармонизацијата на правилата во ЕУ ќе го ограничи шверцот и ќе го зајакне единствениот европски пазар.

Поврзани вести