Skip to main content
ДРАГАНА СТИКОВА, ДИРЕКТОКА НА ФОНДАЦИЈАТА „КАНТАРОТ“

Секоја конференција на „Наука за деца“ ни покажува колку е важно да им дадеме простор на децата да прашуваат, да истражуваат и да мислат со своја глава

Приватна архива / Драгана Стикова: Веруваме дека во Македонија постои плодна почва за млади научници, само треба да им се даде поддршка

Четвртата конфренција „Наука за деца“ која свечено ќе се отвори в петок, на 17 октомври во Интернационното училиште „НОВА“ во Скопје, годинава го носи мотото „Наука за деца ВИ претставува…“ со посебен фокус на вештачката интелигенција (ВИ). Потоа ќе следуваат три кратки предавања од финалистите на минатогодишниот конкурс за извонреден научен потенцијал „Иван Ќостаров“.

Секое од овие предавања е подготвено под менторство на истакнат македонски научник кој работи во странство, илустрирајќи ја разновидноста на научниот талент од Македонија. Отворањето ќе заврши со доделување на овогодишните награди за извонреден научен потенцијал „Иван Ќостаров“ и за најдобар млад презентер „Колега Стиков“.

Децата растат во ера на ВИ и затоа сакаме да им покажеме дека вештачката интелигенција не е замена за човечкиот труд, туку корисна алатка што може да го олесни и подобри она што луѓето го создаваат, вели во интервју за „Република“ Драгана Стикова, директорка на Фондацијата „Кантарот“, која сорабптува со научници од Македонија кои работат низ светот. Токму „Кантарот“ е база за платформата „Наука за деца“.

Со Стикова разговаравме за темата на Четвртата конфренција, за интересот на учниците да учестуваат, за наградите „Иван Ќостаров“ и „Колега Стиков“ и дали во Македонија има плодна почва за развој на млади научници. Нивното искуство покажува дека низ годините сретнале деца кои се љубопитни, креативни, полни со идеи кои од првите конференции до денес израснале во вистински млади истражувачи.

Четвртата конференција „Наука за деца“ ќе се одржи на 17 и 18 октомври во Скопје. Која е темата на годинашната конференција и што Ве инспирираше за темата?

СТИКОВА: Темите некако следат една од друга – од холограми и илузии на првите две конференции, до виртуелна реалност и вештачка интелигенција (ВИ) на третата и четвртата конференција. Децата растат во ера на ВИ и затоа сакаме да им покажеме дека вештачката интелигенција не е замена за човечкиот труд, туку корисна алатка што може да го олесни и подобри она што луѓето го создаваат. Целта е да разберат дека зад секој алгоритам и машина стои човечка креативност, знаење и етичка одговорност. Наместо да се плашат од новите технологии, сакаме да ги охрабриме да бидат совесни корисници на истите, да знаат како тие функционираат, како можат да помогнат во науката, уметноста и секојдневниот живот, но и кои се нивните граници и ограничувања.

Почнавте пред 4 години со одржување на конференциите во Скопје. Каков е интересот на децата? Дали сте задоволни од фидбекот што го добивате?

СТИКОВА: Да, годинава ќе се случи четвртата НЗД конференција. Секоја наредна година, конференцијата станува сè попопуларна и особено ни е мило што има деца кои секоја година се со нас и не пропуштаат ниту една конференција. Тие веќе се дел од нашето мало научно семејство. Фидбекот што го добиваме од учесниците, како и од родителите и наставниците е одличен. Велат дека децата по конференцијата се враќаат дома полни со идеи, со нови знаења и со желба да истражуваат понатаму. Тоа ни е најголемата потврда дека ова што го правиме има вистински ефект и дека науката може да биде инспиративна, забавна и блиска до секое дете.

Стикова: За нас најголемата добивка е да гледаме како расте една генерација што не се плаши од прашања, туку одговорно и со љубопитност бара нови знаења / Фото: Приватна архива

Со Вашиот ентузијазам, многу работа, посветеност, помош и поддршка, најчесто преку лични контакти, успеавте да ја поставите на здрави нозе Наука за деца. Како Вие денес гледате на Наука за деца, какви бенефити им донесе на децата кои сакаат наука?

СТИКОВА: „Наука за деца“ ја гледаме како отскочна даска кон љубопитност, креативност и истражувачки дух. Почнавме скромно, со желба да покажеме дека науката може да биде блиска и разбирлива за секое дете, а денес таа идеја прерасна во заедница на млади умови што сакаат да учат наука на еден поинаков начин. НЗД им дава на децата самодоверба да прашуваат, да експериментираат и да размислуваат критички. Многу деца преку нашите конференции и работилници открија во што се добри, што ги интересира и како можат да ја применат науката во секојдневниот живот. За нас најголемата добивка е да гледаме како расте една генерација што не се плаши од прашања, туку одговорно и со љубопитност бара нови знаења.

Оваа година Наука за деца беше во Куманово и Тетово, а потоа и во Гевгелија и Кавадарци со кучето АВВИ. Може ли да ни кажете нешто повеќе за ова? Дали се планирани посети и во други градови?

СТИКОВА: Оваа година решивме „Наука за деца“ да ја прошетаме надвор од Скопје и да им дадеме можност на што повеќе деца од различни градови да ја доживеат магијата на науката. Така се роди идејата за НЗД караван, кој оваа есен патуваше во Куманово, Тетово, Гевгелија и Кавадарци. Децата таму имаа можност да учествуваат во научни експерименти и интерактивни демонстрации, а најголема ѕвезда беше нашето симпатично куче-робот АВВИ, кое им покажа како функционираат роботите и вештачката интелигенција. Реакциите беа фантастични. Децата со голем интерес следеа сè, поставуваа прашања и дури предлагаа свои идеи за идни експерименти.
Овој караван ни покажа дека желбата за наука постои насекаде, само треба да ѝ се даде простор. Затоа, веќе планираме во следниот период да ја продолжиме оваа научна турнеја и да посетиме и други градови низ земјава, каде што децата ретко имаат можност да учествуваат во вакви настани. Целта е науката да биде достапна за сите, без разлика каде живеат.

За доближување на науката до учениците оваа година соработувате со инфлуенсерот и познат јутјубер, посебно кај помладите, Александар Динев. Како реагираа децата и што научија и тие и Вие како конференција?

СТИКОВА: Соработката со Александар Динев беше навистина посебно и освежувачко искуство. Александар знае како да го задржи вниманието на младата публика, да ги насмее и истовремено да им пренесе нешто ново. За децата тоа беше вистински хит – многу од нив го следат на TikTok и беа воодушевени што можат да го запознаат во живо и да учествуваат со него во експериментите и активностите. Благодарение на неговиот ентузијазам и енергија, успеавме да ја направиме науката уште подостапна и поинтересна за најмладите.

Александар Динев знае како да го задржи вниманието на младата публика, да ги насмее и истовремено да им пренесе нешто ново, вели Стикова / Фото: Приватна архива

Вие сте директорка на Фондацијата „Кантарот“, која е база на платформата „Наука за деца“. Ги воведовте наградите за извонреден научен потенцијал „Иван Ќостаров“ и најдобар научен презентер „Колега Стиков“. Каков е интересот за нив и дали ги мотивираат децата активно да се вклучат?

СТИКОВА: Пред две години ја востановивме наградата за извонреден начуен потенцијал „Иван Ќостаров“. Оваа награда се покажа како моќен мотиватор кој ги охрабрува младите да се интересираат за наука и активно да се вклучат во научни проекти.
Минатата година ја збогативме конференцијата со наградата за најдобар млад презентер „Колега Стиков“. Преку оваа награда, децата учат да зборуваат пред публика, да размислуваат критички и да ги претставуваат своите идеи на јасен и уверлив начин.
Наградите ги гледаме како „ветерот во грб“ што им треба на децата за да излезат од својата комфор зона и да создадат нешто оригинално.

Добитниците на наградата „Иван Ќостаров“ имаат ретка привилегија да бидат менторирани преку целата година од македонски научници кои најчесто работат на странски универзитети. Што е она што најмногу учат децата од менторите?

СТИКОВА: Наградата „Иван Ќостаров“ вклучува и менторирање на финалистите од страна на извонредни научници, родум од Македонија, кои работат на реномирани странски универзитети. Оваа награда претставува важен чекор во поддршката на младите таленти во Македонија. Со менторирањато сакаме да создадеме мост меѓу младите истражувачи и успешните научници кои веќе го трасирале својот пат во светот на науката. Менторите им помагаат на децата да ги развијат своите идеи, да научат како се спроведува вистинско истражување и како се претставуваат резултатите на професионален начин. Веруваме дека ваквите искуства ќе ги насочат младите таленти кон идни академски и професионални успеси, а со тоа ќе придонесат и за развојот на науката во Македонија.

фото: Приватна архива

Наука за деца еднаш годишно организира конфренции, но работи и има активности преку целата година. Постојано сте во контакт со млади таленти, идни научници. Што ги мотивира овие деца да се занимаваат со наука? Има ли во Македонија плодна почва за научници? Какви деца запознавте низ годиниве?

СТИКОВА: Децата што ги среќаваме низ годините се навистина неверојатни, љубопитни, креативни и полни со идеи. Она што ги мотивира е токму желбата да разберат како функционира светот околу нив, да најдат одговори на прашања што возрасните често ги земаат здраво за готово. Веруваме дека во Македонија постои плодна почва за млади научници, само треба да им се даде поддршка, внимание и можност да се изразат. Најчесто недостигаат ресурси, но ентузијазмот и желбата за наука се секогаш тука. Низ годините запознавме деца кои од првите конференции до денес израснаа во вистински млади истражувачи. Некои веќе сами презентираат експерименти, други започнуваат свои мали научни проекти. И токму тоа е нашата најголема инспирација да продолжиме со „Наука за деца“.

Стикова: Децата што ги среќаваме низ годините се навистина неверојатни, љубопитни, креативни и полни со идеи / Фото: Приватна архива

И што е она што Вас, како Наука за деца, Ве мотивира да ги организирате научните конференции? Кој е Вашиот сон?

СТИКОВА: Секоја конференција ни покажува колку е важно да им дадеме простор на децата да прашуваат, да истражуваат и да мислат со своја глава. Тоа чувство, дека сме им помогнале да го откријат светот на науката на забавен и инспиративен начин, е најголемата награда и двигател за целата наша работа. За таа цел зимава планираме да отвориме НЗД центар кој ќе ја поврзува љубопитноста на децата со поддршката на наставниците, родителите и научната заедница. Науката за нас не е само знаење, таа е начин да се гради самодоверба, одговорност и љубов кон светот што нè опкружува.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

фото: Приватна архива

Поврзани вести