
По повод 25 годишнината од основањето на Клиниката Жан Митрев, денеска беше потпишан Меморандум за соработка меѓу основачот на клиниката, д-р Жан Митрев и в.д. директорот на ЈП Национални шуми, проф. д-р Здравко Трајанов.
Во неколку фази, а како симболика на четвртина век постоење, во периодот што следува ќе бидат засадени 25 000 садници, со што уште еднаш, Клиниката Жан Митрев ќе ја потврди својата амбиција и мисија – дека приказната на оваа здравствена установа не е ограничена само на медицината, туку и на општествената одговорност, здравата животна средина, посветеноста кон иднината и зачувувањето на здравјето на граѓаните.
Пошумувањето првично ќе започне во опожарените делови од штипскиот регион. Основачот на Клиниката, д-р Жан Митрев, при потпишувањето на Меморандумот за соработка изјави дека засадувањето 25 000 садници не е само симболичен чин, туку конкретен чекор кон подобрување на квалитетот на воздухот, создавање поздрава средина и оставање наследство на идните генерации.
Изминативе 25 години, Клиниката Жан Митрев постави високи стандарди во кардиоваскуларната медицина, но нашата мисија отсекогаш била поширока – да создадеме подобри услови за здрав живот. Здравата животна средина е еден од клучните фактори за кардиоваскуларното здравје, бидејќи загадениот воздух, намалената зелена површина и климатските промени имаат директно влијание врз кардиоваскуларните заболувања“, изјави д-р Жан Митрев.
Директорот на ЈП Национални шуми, проф. д-р Здравко Трајанов, рече дека засадувањето 25 000 садници, во соработка со Клиниката Жан Митрев, не е само чекор кон обновување на шумите, туку и директна инвестиција во почист воздух, подобра животна средина и поздрава иднина за сите граѓани.
Најдобар начин да се вложи во иднината на нашата Република Македонија, покрај останатото, е да пошумуваме. Со тоа, оставаме аманет и за идните генерации – пошумувањето значи повеќе чист воздух и на некој начин претставува и инвестирање во здравството. Големо задоволство ми е што сум овде и се надевам на многу соработки во иднина“, изјави Трајанов.
Во последниве 25 години, во Клиниката Жан Митрев имало 1,1 милиони посети од страна на повеќе од 400 000 пациенти од Македонија, но и од голем број други држави од светот. Досега, во оваа престижна здравствена установа извршени се повеќе од 45 000 оперативни зафати, благодарение на тимот составен од врвни професионалци кои применуваат најсовремените методи во медицината, благодарение на пристапот до најсовремената технологија.
Први март 2000 година е датумот кога започнува нова историјата во македонското здравство и нова ера во кардиоваскуларна хирургија – тогаш е направена првата бајпас-операција во Клиниката Жан Митрев. Две години подоцна е направена и првата операција на отворено срце врз буден пациент. Во 2019 година продолжува и развојот на детската кардиохирургија. Во 2020 година, д-р Жан Митрев, д-р Тања Анѓушева и д-р Никола Христов заедно со уште неколкумина доктори од јавното здравство ја вршат првата трансплантација на срце во земјава за што ја добиваат престижната награда „13 Ноември“. Во 2023 година, Клиниката Жан Митрев третпат го добива Златниот печат од Joint Commission International (JCI) и со оваа ре-сертификација уште еднаш се потврдува дека здравствената институција поседува највисоки стандарди од аспект на квалитетот на здравствените услуги и грижата за безбедноста на пациентите.
Денеска, Клиниката Жан Митрев претставува водечка приватна здравствена установа во регионот, позната по врвната експертиза, примената на современите медицински технологии и индивидуалниот пристап кон пациентите.