Skip to main content
НЕРМИН ТЕЛОВСКА, ДИРЕКТОРКА НА ЦЕНТАРОТ ЗА РЕХАБИЛИТАЦИЈА НА ПАТОЛОГИЈАТА НА ВЕРБАЛНА КОМУНИКАЦИЈА

Клубот за лицата со афазија да биде место каде што секој член ќе има можност да учествува, придонесува и да биде слушнат

Во ЈЗУ Центар за рехабилитација на патологија на вербална комуникација – Скопје е отворен првиот клуб за лицата со афазија во Македонија и во регионот.

Ова не е само отворање на едно ново тело во рамките на нашата установа. Ова е отворање на простор во кој лицата со афазија ќе можат да се чувствуваат прифатени, разбрани и поддржани. Простор во кој нема да мора постојано да ја објаснуваат својата состојба, туку ќе бидат меѓу луѓе кои разбираат низ какви предизвици поминуваат. Афазијата не ја одзема личноста, не ги брише спомените, знаењата, чувствата, желбите и потребата на човекот да биде дел од општеството. Таа ја менува можноста за изразување и разбирање на говорот, но никогаш не ја намалува вредноста на човекот.
Затоа веруваме дека поддршката не смее да заврши со терапевтскиот третман. На лицата со афазија им е потребна континуирана поддршка, социјална вклученост, меѓусебно разбирање и можност повторно да го пронајдат своето место во заедницата, изјави директорката на Центарот за рехабилитација на патологија на вербална комуникација Нермин Теловска.

Токму од таа потреба произлегува идејата за овој клуб кој ќе функционира како неформално тело во рамките на Одделот за стекнати говорно-јазични нарушувања, со раководител – координатор на активностите, тим од обучени логопеди, психолог, психијатар и други стручни лица.

Нермин Теловска

Новина е регистарот за членовите на клубот, тоа се нашите пациенти лично или лицата кои се грижат за нив, со што ќе се овозможат многу повеќе информации поврзани со оваа состојба. Но, она што ќе му даде вистинска вредност на Клубот нема да бидат документите и организациската структура, туку луѓето, нивните приказни, нивната меѓусебна поддршка и активностите што заедно ќе ги создадеме, вели Теловски.

Целта, е како што објаснува Теловска да се овозможат редовни средби, дружење, едукативни, креативни и рекреативни активности, размена на искуства, како и вклучување на семејствата и пошироката заедница.


Сакаме Клубот да биде место каде што секој член ќе има можност да учествува, да придонесува и да биде слушнат – дури и тогаш кога зборовите тешко доаѓаат. Особено сакам да нагласам дека со оваа иницијатива испраќаме и една поширока општествена порака: лицата со афазија не треба да бидат изолирани, заборавени или препуштени сами на себе. Тие имаат право на достоинствен живот, активно учество и целосна општествена вклученост. Како установа, ќе продолжиме да ја развиваме стручната и хуманата димензија на нашата работа, затоа што веруваме дека вистинската рехабилитација не значи само подобрување на говорот, туку и подобрување на квалитетот на животот. Нашата порака е едноставна: можеби зборовите понекогаш се тешки, но потребата за комуникација, блискост и припадност е секогаш присутна, додава Теловска.

Поврзани вести