Skip to main content

Хрватскиот културен центар „Марко Марулиќ“ со македонско хрватска вечер го одбележа Денот на ослободувањето на Битола

Во рамките на програмата за одбележување на Денот на ослободувањето на Битола, 4 Ноември, која оваа година беше под насловот „Сите бои на сеќавањето“, се одржa концертот на македонски и хрватски автори, „Музика и слово“, во изведба на Маја Митровска, сопран и Јана Четелева Белевска, пијано. Настанот беше во организација на МХД. Хрватски културен центар „Марко Марулиќ“ Битола во соработка со КИЦ Офицерски дом и Општина Битола.

Програмата беше составена од музички и поетски сегмент и беа застапени делата и композициите на: Трајко Прокопиев, Благој Цанев, Кирил Македонски, Тодор Скаловски, Давор Неќак, Иван Бркановиќ, Јосип Хатзе, Владимир Назор, Иван Горан Ковачиќ, Коле Неделковски, Владо Малески, Анте Поповски.

Преку соло-песни и оперски арии се презентираа разновидни стилски пристапи – од лирска исповедност и суптилна емоционалност до драмскиот израз на оперското творештво и инспирацијата од народната музичка традиција. Преку поезијата се отворија темите за човековата судбина, копнежот, љубовта, духовноста, сеќавањето и односот кон родниот крај. Спротивставувањето и надополнувањето на музичкиот и поетскиот израз создадоа содржински поврзана целина во која уметничката интерпретација стана средство за продлабочено доживување на зборот и музиката. Програмата имаше особено значење во контекстот на македонско-хрватските културни врски. Преку застапеноста на композитори и поети од двете средини, таа потсети на долгогодишните културни допири, заемните влијанија и можностите за современа уметничка соработка. Посебно место во програмата имаше аријата на Јана од операта „Гоце“ од Кирил Македонски, кое дело е значаен пример на македонското оперско творештво и на неговиот придонес во обликувањето на националниот музички идентитет, како и праизведбата на соло песната „Трговец” на Давор Неќак.

МХД Хрватски културен центар „Марко Марулиќ“ – Битола повеќе од три децении активно придонесува за развојот на културните врски меѓу Република Македонија и Република Хрватска. Основната мисија на Центарот е промоција на хрватската култура, уметност, јазик и традиција во Македонија, како и претставување и афирмација на македонската култура пред хрватската публика. Преку својата работа, Центарот воспоставува културни мостови меѓу двете земји, поттикнува меѓусебно разбирање и почитување и создава можности за соработка меѓу уметници, културни институции, театри, фолклорни ансамбли и други културни организации. Континуитетот на дејствување, искуството во организацијата на културни настани и развиените партнерства го позиционираат Центарот како значаен чинител во меѓународната културна соработка. Со оваа македонско – хрватска вечер, уште еднаш се потврди и зацврсти пријателството на двата пријателски народи, македонскиот и хрватскиот и ја стави Битола како центар на културна соработка помеѓу Македонија и Хрватска, што е уште едно достојно одбележување на празникот на градот. Воедно беше најавен и последниот настан за оваа година на Хрватскиот културен центар, традиционалниот Божиќен концерт со кој ќе се заокружи целокупната активност и програма за 2026 година. На истиот ќе гостува реномиран Тамбурашки оркестар од Хрватска и ќе се одржи на 04.12.2026 во КИЦ Офицерски дом Битола.

Маја Митровска е оперска пејачка и професорка по соло пеење, со долгогодишно искуство во изведувачка и педагошката дејност. Дипломирала и магистрирала на Националната музичка академија „Панчо Владигеров“ во Софија, Република Бугарија, во класата на оперската пејачка проф. д-р Иванка Нинова. Своето понатамошно професионално усовршување го продолжила во Оперското студио на познатата оперска пејачка Оливера Милјаковиќ во Виена, Австрија.

Во текот на својата изведувачка кариера реализирала повеќе значајни оперски и музичко-сценски улоги. Соработувала со Национален музички театар “Стефан Македонски”, Софија; Државна опера во Бургас; Врачанска и Видинска Филхармонија, Р.Бугарија, КИЦ Софија, “Битолска Опера”, “Камерен Оркестар” – Битола, “Интерфест” – Битола, “Бит – фест – Битола”, “Камерна опера – Битола” и др.

Од 2010 година активно се посветува на педагошката дејност како професорка по соло пеење во Државното музичко училиште – Битола.

Покрај музичката и педагошката дејност, Маја Митровска веќе неколку години се занимава и со детска литература и ликовно творештво.

Јана Четелева Белевска е родена во Битола, каде го започна своето музичко образование во класата на Маргарита Татарчевска. Дипломира во Софиската музичка академија ” Панчо Владигеров” во класата на Антон и Елена Дикови. Магистерските студии ги завршува со целосна стипендија во Америка на Универзитетот на Јужна Флорида во класата на проф.Светозар Иванов, каде и работеше како асистент по пијано на факултетот за музичка уметност. Добитник е на бројни награди на државни и меѓународни натпревари. На 16 годишна возраст настапи со Македонската Филхармонија, а во 2008 беше избрана од цела музичка академија како единствен студент кој настапи со Софиската Филхармонија. Од 2009 до 2012 година активно учествуваше на концерти низ Америка. Јана има настапувано низ Македонија, Бугарија, Австрија, Германија, Франција, Србија , Њу Јорк, Бостон, Чикаго, Мајами, Тампа, Аризона. Моментално работи како професор по пијано во Државното музичко училиште. Исто така е претседател на здружението “Пијано” кое организира концерти, семинари и меѓународниот натпревар Пијанофест во Битола. 

Поврзани вести