
Министерот за здравство Арбен Таравари денеска информираше дека тим од пластични хирурзи ќе престојува во Кочани за пациентите кои ќе бидат на домашно лекување откако ќе се вратат од клиниките, да можат да ја добијат потребната поддршка и терапија, а притоа да не патуваат.
Ние веќе работиме со редовни програми на нашите клиники, и така ќе продолжиме. Денеска зборувавме и за тоа. Бидејќи повеќето пациенти се од Кочани, тим од пластични хирурзи ќе бидат во Кочани, ќе одат таму да видат за што има потреби, за да интервенираат кога треба. Штипската болница веќе има четири пластични хирурзи. Ќе бидеме во комуникација, ќе им дадеме поддршка, за да не патуваат пациентите, туку нашите доктори да одат и да им дадат помош која што е потребна во фазите кои се пред нас, изјави денеска Таравари, одговорајќи на новинарско прашање, во врска со пациентите кои се лекуваат на клиниките, по трагичниот настан во дискотеката во Кочани.
Како што напомена, на дел од пациентите ќе им потребна рехабилитација во траење од две недели, а на некои можеби и месеци.
Ќе размислуваме за опциите за тие кои што ќе останат и ќе бидат на подолгорочно лекување. Веќе размислуваме кои се можните опции, додаде Таравари.