Skip to main content

Таравари: Најавените вработувања треба да се реализираат во јануари

Најавените над илјада вработувања во здравството го поминале владиниот филтер и добиле согласности од Министерство за финансии, конкурсите ќе се распишуваат во јануари, информира министерот за здравство Арбен Таравари, кој денеска беше во посета на Општата болница во Гостивар.

Процедурите во влада поминаа, сега останува на директорите. На оние вработени кои имаа договори, тие им се продолжени за три месеци, за да не бидат отпуштени. Се работи за голем опфат од околу 1200 лица од среден медицински персонал и тие мора да поминат низ тестирања. Очекувам тоа да биде готово до средината на јануари, рече Таравари.

Тој нагласи дека наскоро треба да се објави и списокот на 315 специјализанти кои ќе одат на специјалзции и дека меѓу нив има 15 студенти по медицина кои покажале најдобро знаење. Таравари ја оцени динамиката со вработувања, како силна и најави дека ќе продолжи, притоа напомена дека ваков обем на вработувања од над 1500 немало досега.

Мора да ги разгледаме и буџетите на здравствените установи за да видиме каде треба да се инвестира, но сепак фокусот ќе биде човечките ресурси, бидејќи не ни требаат нови болници и опрема без здравствени работници, потенцира Таравари.

Министерот за здравство Таравари на новинарско прашање околу надминувањето проблемот со потпорниот ѕид близу детската клиника во Скопје, одговори дека проектот е изготвен во соработка со општина Центар, со чиј градоначалник имаат одлична комуникација.

За жал со градоначалничката на Град Скопје немаме баш добра комуникација, а се работи за серизона инвестиција. Тој пат треба да се реконструира и да се направи комплетно нов ѕид. За тој проект во 2024 година немаше пари, а се надевам дека нареднава тој проблем ќе се надмине и нема да биде тесно грло, рече Таравари.

Поврзани вести