
Македонија нема да се откаже од европската идеја поради тешкиот и долг пат кон членството, но очекува интеграцијата да остане процес заснован врз заслуги и мерливи критериуми, а не билатералните прашања постојано да ја поместуваат целта, порача претседателот на Владата од говорницата на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Во обраќањето на Генералната дебата на 81. заседание на Генералното собрание на ОН, премиерот нагласи дека Европската Унија и натаму останува природен политички, економски и институционален дом на Македонија.
Нема да се откажеме од европската идеја затоа што европскиот пат беше тежок, порача тој.
Премиерот истовремено призна дека Македонија има многу работа што мора да ја заврши дома. Потребно е зајакнување на владеењето на правото, градење поефикасни институции и поконкурентна економија, како и враќање на довербата на граѓаните во сопствената држава.
Според него, тоа е домашна одговорност што македонските власти не смеат и нема да ја префрлаат врз Брисел.
Тоа е наша одговорност и нема да ја префрлиме на Брисел – нагласи претседателот на Владата.
Сепак, паралелно со реформите што треба да ги спроведе Македонија, и Европската Унија има обврска да обезбеди кредибилен, предвидлив и правично уреден процес на интеграција.
Македонија очекува напредувањето кон членството да зависи од исполнувањето на јасно утврдени критериуми, а не од дополнителни услови што произлегуваат од билатералните односи со одделни земји членки.
Не бараме полесен пат. Бараме пат уреден со правила. Не бараме пониски стандарди. Бараме стандардите да останат стандарди – порача премиерот.
Тој предупреди дека довербата во европскиот процес се нарушува кога критериумите се менуваат додека процесот веќе трае или кога исполнувањето на поставените услови не води кон очекуваниот напредок.
Ако од земјите кандидати се бара да исполнат конкретни критериуми, тогаш исполнувањето на тие критериуми мора да биде соодветно вреднувано. Во спротивно, тешко може да се бара од граѓаните да продолжат да веруваат во интеграцијата, компромисот и во вредноста на преземените обврски, порача тој.

Македонски


