
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Примање поткуп според член 357 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничената 42-годишна вработена во Агенцијата за храна и ветеринарство, како службено лице – инспектор за храна, во периодот од 17 до 25 септември, побарала и примила поткуп во износ од 250 евра од управител на правно лице за да изготви записник со кој ќе констатира дека извршила инспекциски надзор и дека нема неправилности во работата на објектот, односно дека тој ги почитува сите потребни процедури за работа – соопшти ЈОРСМ.
Поради ризикот од бегство, опасноста осомничената да влијае врз оштетениот и неговиот исказ, како и можноста од позиција на службено лице- инспектор да го повтори дејствието кое не смеела да го изврши, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор, додаваат од ЈОРСМ.
Претходно од МВР информираа дека одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР, до Основното јавно обвинителство Скопје, поднесе кривична пријава против Д.М.(42) од Скопје поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „примање поткуп“ по член 357 став 1 од Кривичниот законик.
Пријавената, вработенa во Агенција за храна и ветеринарство на РСМ како државен инспектор за храна, во периодот од 17.09.2026 до 25.09.2026, при вршење на редовна контрола во правно лице – угостителски објект, побарала паричен износ во висина од 250 евра во вид на поткуп за да изготви Записник од извршен инспекциски надзор во кој ќе констатира дека не се утврдени неправилности во работењето на правниот субјект, иако знаела и била свесна дека правното лице не ги поседувало процедурите за добра производна храна и добра хигиенска пракса кога го извршила увидот. Наведениот износ го примила на 25.09.2026 и тогаш му го предала на оштетниот и Записникот од извршен инспекциски надзор.

Македонски


