Skip to main content

Специјализираната болница за нефрологија – Струга со низа активности по повод Светскиот ден на бубрегот

Специјализирана болница за нефрологија - Струга

По повод одбележувањето на Светскиот ден на бубрегот, ЈЗУ Специјализирана болница за нефрологија Струга реализираше низа активности со цел да се истакне значењето на грижата за здравјето на бубрезите, раното откривање и превенцијата на бубрежните заболувања.

Контролата на крвниот притисок и шеќерот во крвта, здравиот начин на живот, правилната хидратација, балансираната исхрана и редовните медицински прегледи се едни од најважните чекори во спречување на појавата и прогресијата на бубрежните заболувања. Со подигнување на јавната свест и навремена едукација на населението, можно е значително да се намали ризикот од развој на хронични бубрежни болести. Нашата цел е да го свртиме вниманието на јавноста кон раната дијагностика, изјави д-р Јетмир Зиба ВД Директор на ЈЗУ Специјализирана болница за нефрологија – Струга.

фото: Специјализирана болница за нефрологија – Струга

На 10 март, во просториите на Болницата беа поставени едукативни банери и информативни постери, преку кои пациентите и посетителите имаа можност да се информираат за значењето на грижата за бубрежното здравје, ризик-факторите, симптомите и начините на превенција.

На 11 март, во соработка со граѓанското здружение „Ретко е да си редок“ – Струга, во вечерните часови, објектот на Болницата беше осветлен во зелена боја, што претставува симболичен дел од глобалната кампања за подигнување на свеста за бубрежните заболувања и израз на поддршка кон сите пациенти кои се соочуваат со овие состојби. Со осветлувањето и трансформирањето на изгледот на Болницата.

фото: Специјализирана болница за нефрологија – Струга

Струга се приклучи кон листата на светски градови кои ги осветлуваат своите знаменитости во знак на поддршка на здравството.

Заедницата на лица со ретки болести често се соочува со предизвици поврзани токму со бубрежната функција. Ова зелено светло е за сите оние чиј глас треба да се служне погласно. Благодарни сме на Болницата што секогаш наоѓа начин да ни даде простор и видливост, вели Гордана Лолеска активист од „Ретко е да си редок“- Струга.

На 12 март, на пациентите кои доаѓаа на третман им беа поделени вода и цвеќе. Водата беше симболична порака за значењето на правилната хидратација како важен фактор за одржување на здравјето на бубрезите, додека цвеќето симболизира живот, грижа и надеж, како потсетник дека грижата за сопственото здравје треба да биде постојана и внимателна.

фото: Специјализирана болница за нефрологија – Струга

Во рамки на активностите, во струшката чаршија беше поставен информативен штанд, каде медицински тим од Болницата вршеше бесплатно мерење на крвен притисок и шеќер во крвта. Оваа активност беше насочена кон рано откривање на потенцијалните ризици, бидејќи покачениот крвен притисок и дијабетесот се меѓу најчестите причини за појава и развој на хронични бубрежни заболувања.

Како симбол на животот, растот и континуираната грижа за иднината, во дворот на Болницата беа засадени нови дрвја, со порака дека исто како што на природата ѝ е потребна грижа за да расте и да се развива, така и човечкото здравје бара постојано внимание, превенција и одговорност.

фото: Специјализирана болница за нефрологија – Струга

Во рамките на одбележувањето, Болницата оддаде и посебно признание на пациентите кои повеќе од 30 години се на дијализен третман, на кои им беа доделени симболични подароци како знак на почит и благодарност за нивната истрајност, сила и долгогодишна борба.

Со овие активности, ЈЗУ Специјализирана болница за нефрологија Струга уште еднаш ја потврдува својата посветеност на превенцијата, едукацијата и унапредувањето на здравјето на бубрезите, испраќајќи јасна порака дека грижата за бубрежното здравје започнува со информираност, навремени прегледи и одговорен однос кон сопственото здравје.

Поврзани вести