
Во ноември годинава, беше извршена прва трансплантација на рожница во Македонија во јавното здравство. На Клиниката за очни болести беа изведени девет трансплантации на рожница, под менторство на медицинска делегација од Универзитетот Дјук од САД, една од водечките светски институции во клиничката медицина. Од изведените интервенции, според медицинска индикација, две беа направени со методата ДМЕК – најсовремена техника при која се трансплантира само еден микронски слој од рожницата, што првпат се изведе во нашата земја, и останатите седум беа пенетрантни кератопластики (ПРК), првпат во јавното здравство по половина век.
Со трансплантација на рожници на Клиниката за очни болести во Скопје се отвора нова страница во развојот на трансплантационата медицина. Првпат во историјата на македонското здравство, на месечно ниво се извршува по една, па и повеќе нови хируршки интервенциии, што претставува најдобра потврда дека нашиот здравствен систем ги следи и имплементира најсовремените дострели во хирургијата. Воедно, ова е показател за развиените човечки и технички капацитети на системот, кои се подготвени да спроведуваат најсофитицирани хируршки зафати, велат од Министерството за здравство.
Трансплатациите беа реализирани од тимот на Клиниката за очни болести: директорката д-р Наташа Трпевска-Шекеринов, доц. д-р Христијан Дума, прим. д-р Бисера Велковска, асс. д-р Ана Трпеска-Бошкоска, анестезиолозите д-р Катерина Аспроска-Блажевска и д-р Ангелина Трајчевска, анестетичар Канита Арифи, како и медицинските сестри и инструментарки дипл. мс. Билјана Трајчева, мс. Тамара Тасевска, дипл. мс. Суреја Идризи, дипл. мс. Марина Трајковска и целиот персонал на клиниката.
Започнувањето на ова поглавје е резултат на едногодишна, темелна и посветена подготовка започнувајќи од организирањето на националната листа на чекање, усогласувањето на протоколите и административните процедури, до создавање партнерство со Универзитетот Дкук. Верувавме дека нашата земја има потенцијал за современа трансплантација на рожници и денес тоа го покажуваме со првите успешни трансплантации“, вели националната координаторка за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска.
Според директорката д-р Трпевска-Шекеринов, ова претставува исклучително значаен и долгоочекуван чекор напред за македонското јавно здравство, за нивната институција, но пред сѐ за пациентите кои имаат потреба од ваков вид високо-специјализиран третман.
„Партнерството со Универзитетот Дјук, нивната донација на ткива и директната соработка во оперативните сали создадоа силен темел за натамошен развој на програмата“, смета директорката.
Во декември на Клиниката за ортопедија успешно се изведени две трансплантации на коска од починат донор кај педијатриски пациенти.

Во Центарот за спинална хирургија на ТОАРИЛУЦ успешно се изведоа четири интервенции под надзор на реномираниот проф-д-р Уфук Ајдинли, ортопед-трауматолог од Бурса, Турција. Исто така, во соработка со проф. Уфук извршена е првата операција на дете со ретка конгенитална деформација на ТОАРИЛУЦ – комплексна хируршка интервенција кај 4-годишно дете со редок конгенитален Спренгелов деформитет.
Во рамки на проектот „Поддршка на системот за трансплантација“, финансиран од Европската Унија, организирана обука за здравствени работници за унапредување на системот за трансплантација.
Посетата на Марге Мартјак, експерт за ткивни банки и супстанции од човечко потекло на банката за ткива во Централната болница Талин – Исток во Естонија, донесе серија обуки за лекари, медицински сестри и биолози. Обуката опфати протоколи за набавка, контрола на квалитет, складирање и микробиолошко тестирање на ткива, додаваат од Министерството за здравство.
Беа извршени две трансплантации – на деформитет на стапало и на преден вкрстен лигамент на колено .
На Клиниката за неврохирургија првпат воведена интраоперативна флуоресцентна видеоангиографија при хируршки третман на мозочни аневризми. Станува збор за операција која за првпат во Македонија е изведена со примена на интраоперативна флуоресцентна видеоангиографија.
Оваа иновација е значаен чекор напред во модернизацијата на македонското здравство. Примената на интраоперативната флуоресцентна видеоангиографија ја зголемува безбедноста на пациентите и ја подобрува ефикасноста на хируршките интервенции.
Современата медицина повеќе не е привилегија, таа станува достапна во јавното здравство. Се воведуваат нови интервенции кои менуваат и спасуваат животи, велат од Министерството за здравство.

Македонски





