Skip to main content

Се очекува намалување на кардиоваскуларните болести, канцер на бели дробови, ХОББ со новиот закон против пушењето, вели директорот на Онкологија, проф. д-р Игор Стојковски

Новиот закон против пушење претставува значаен чекор напред во заштитата на јавното здравје. Пред сè, со ваквото законско решение се обезбедува заштита на сите непушачи од пасивното дејство на тутунскиот чад, особено кај најранливите категории како што се децата и бремените жени, за МИА нагласи проф. д-р Игор Стојковски, директор на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија во Скопје.

Дополнително, се очекува значително намалување на болестите поврзани со пушењето, вклучително и кардиоваскуларните заболувања, канцерот на белите дробови, хроничната опструктивна белодробна болест и други сериозни здравствени состојби, подвлече Стојковски.

Тој се осврна и на другите придобивки што ги носи најавениот закон против пушење.

Законот ќе придонесе и кон намалување на боледувањата и отсуствата од работа, со што индиректно се влијае врз зголемување на продуктивноста, а воедно ќе се намали и притисокот врз здравствениот систем. Дополнителна придобивка е создавањето почисти и поздрави работни простории и јавни површини, како и значително подобрување на условите за работа на вработените во угостителскиот сектор, вели Стојковски.

На долг рок, ваквите законски решенија, додава тој, имаат и силно превентивно дејство.

Ја зголемуваат јавната свест за сериозните штетни последици од употребата на тутунот и придонесуваат кон формирање здрави навики кај младата популација, со што се спречува започнувањето со пушење уште во најраната возраст, додаде Стојковски во изјавата за МИА.

Поврзани вести