Skip to main content

Проф. д-р Ана Данева Маркова: Првпат се креираат протоколи за предконцепциско советување бидејќи 60 проценти од девојките и 40 отсто од момчињата имаат проблем за забременување

Возраста, загадувањето, стресот, начинот на живот, телесната тежина, физичката активност…, се меѓу ризичните фактори за неуспешна бременост. Во последните неколку години согледувам дека постои тренд на предвремено породување во сезоната кога е најголемо загадувањето. Тоа се веќе докажани податоци од други институти, наши факултети, научници кои се занимаваат со оваа проблематика така што, наскоро ќе излеземе со малку поконкретни резултати на оваа тема се со цел да ја кренеме повисоко свесноста за оваа важна тема, особено кога станува збор за новороденото односно за здравјето на мајката, вели во осмомартовското интервју за МИА проф. д-р Ана Данева Маркова, шеф на Одделот за рана и високоризична бременост при Универзитетската клиника за акушерство и гинекологија и претседател на Македонското здружение за фетална медицина.

Проф. д-р Данева Маркова вели дека од минатата година е воведен биохемиски скрининг со којшто се одредува во првите три месеци која од трудниците би развила или кај која би се јавил ризик за предвремено породување.

Според неа, особено е важно да се внимава на здравјето многу години пред одлуката за забременување, како кај жените, така и кај мажите. На младите од 20 до 30-тата година, кои можеби воопшто не размислуваат за дете, ќе мора, потенцира проф. д-р Данева Маркова, да им се советува редовно гинеколошко следење за во иднина да се надминат одредени проблеми, затоа што процентот на оние кои имаат проблем за забременување е 60 спрема 40 проценти – 60 за девојчињата, 40 за момчињата.

Ова е особено важно, и искрено морам да кажам тема за која што и ние не сме се посветиле доволно во изминатите години. Не зборувам само за нашата експертска јавност, здравствена, туку и за останатите во светот. За првпат се креираат сега протоколи за предконцепциско советување. Што значи предконцепциско советување, фазата на жената или на парот, пред да се реши да забремени. Значи сето она со коешто ќе се стекне пред забременување и во периодот кога треба да ја планира бременоста, е многу поважно од тоа во моментот кога ќе почне да се планира. Значи водењето на здрав живот, превенција или лекување на одредени болести, откривање на ред болести, па ако сакате и некои ембрионални пореметувања коишто можеби постојат и рано навремено третирање, вели докторката.

Проф. д-р Данева Маркова, сепак нагласува дека кај нас има тренд на подобрување на здравјето во бременоста на мајката, но и на новородените бебиња.

Живееме во време кога не е мал процентот на патолошка бременост. За среќа, во исто време тоа е некаде од 28 до 30 проценти гледано во европски размери, па тука сме некаде и ние како држава. Гледано во денешен тренд многу е поголем акцентот на рано дијагностицирање на сите овие ризични бремености, навремено третирање, ако сакате уште повеќе превенирање на сите овие ризик фактори, и можам да кажам дека гледано во бројки во годините наназад, а се следат сите тие податоци од Институтот за јавно здравје, посветени податоци на мајката и на новороденото, дека во таа насока одиме кон тренд на подобрување на здравјето во бременоста и на мајката и на новороденото, вели во интервјуто проф. д-р Данева Маркова.

Жените денес малку подоцна се реализираат како мајки. Просек во земјава, вели Данева Маркова е првороденото дете жената да го добие на 29 години, а не е мал процентот на жените кои се решаваат за прво породување после 35-та година. Се зголемува и бројот на жени кои имаат над 40 години, а сакаат да родат дете.

Секако дека возраста е еден ризик фактор којшто носи и повеќе заболувања и поголем ризик фактори од типот на индивидуални веќе стекнати болести, коишто понатаму едноставно водат до понепогоден исход, и за бременоста, и понатаму за продувањето. За жал, живееме во град во којшто неколку пати сме лидери во процентот на загадување. И тоа беше еден мој мотив да истражувам и во последните неколку години согледувам дека постои тренд на предвремено породување во сезоната кога е најголемо загадувањето. Тоа се веќе докажани податоци од други институти, наши факултети, научници кои се занимаваат со оваа проблематика. Така што, наскоро ќе излеземе со малку поконкретни резултати на оваа тема се со цел да ја кренеме повисоко свесноста за оваа важна тема, особено кога се однесува збор за новоредното односно за здравјето на мајката, потенцира проф. д-р Данева Маркова.

Подигањето на свеста за што и медиумите имаат огромно влијание, во последните неколку години потполно ја менува жената во текот на бременоста односно нејзиниот начин на однесување. Во минатото, совет за бременоста било „седи дома, не оди на работа, мирувај“, денеска, потенцира проф. д-р Данева Маркова, напротив, и наш, и совет на сите други експерти е физичката активност.