
По пауза од 11 години е ажурирана есенцијалната листа на лекови, соопштија денеска здравствените власти на прес-конфренција.
Есенцијалната листа на лекови содржи список на најважни лекови потребни за основниот здравствени систем. Ги содржи лековите со најголем докажан квалитет, безбедност и ефикасност за лекување на најчестите болести. Овие медикаменти треба да бидат постојано достапни во рамките на јавното здравство.
Оваа есенцијална листа е донесена низ еден многу партиципативен процес, преку платформата – Националната платформа за лекови, која ги донесе заедно институциите, стручната јавност, како и пациентските организации. Оваа Национална платформа беше технички поддржана од Светската здравствена организација. Платформата, покрај есенцијалната листа, треба да има уште неколку резултати – Правилникот за позитивна листа, Правилникот за одредување на цените на лековите, уште неколку други резултати се очекува да бидат наскоро завршени. Оваа листа имаше потреба да биде ажурирана претходно, бидејќи во овие 11 години Светската здравствена организација (СЗО) има направено неколку поголеми промени на својата листа, изјави д-р Елена Ристоска, државен советник во министерството за здравство на средбата со новинарите.
Ристоска објасни дека потребата за ажурирање на оваа есенцијална листа е заснована од ажурирањето на есенцијалната листа на СЗО.
Есенцијалната листа е листа на лекови кои се неопходни да бидат достапни на нашите здравствени работници во третманот на најширок можен дијапазон на болести. Значи, таа е водич за докторите, за фармацевтската индустрија – кои лекови се неопходни да бидат достапни во земјата и кои лекови лекарите треба да ги земаат во предвид при правењето на нивните упатства, протоколи за лекување и така натаму, изјави Ристоска.
Таа објасни што е ново во листата.
Таа е систематизирана во 28 терапевтски области, дефинирана во подгрупи, фармацевтски форми и така натаму. Ново не е само што има 109 нови лекови (активни супстанции) на оваа листа, од вкупно 372 лека кои се на оваа листа, а новина е дека е сменет и терапевтскиот пристап. Воведени се патишта за можни замени на постојните лекови и воведени се неколку позначајни новини:
Прво, кај антибиотиците се поделени во три групи: антибиотици со широк пристап, антибиотици под надзор и резервни антибиотици. Ова е основа за воспоставување на стратегијата за борба за рационална употреба на антибиотиците и борба против резистенцијата на антибиотици, и претставува значајна измена и придонес кон јавното здравје.
Второ, се воведени нови терапевтски области кои недостасувале во 2012: за мултипла склероза, мијастенија гравис, цистична фиброза, современа терапија за ХИВ, за хепатитис Б и Ц, онколошки терапии и така натаму, значи терапии кои воопшто не биле предвидени во листата од 2012 година.
Третата значајна новина се терапевтските алтернативи. Востановени се јасни патокази што треба да се направи кога одреден лек не е достапен и која е негова адекватна замена.
И четврто, воведена е превенција. На пример, во есенцијалната листа за првпат се воведува заменска терапија за никотин. Ова е една измена која треба да ве поттикне да почнеме да размислуваме превентивно на ракот на белите дробови, кој е една од водечките причини во превенцијата и борбата против ракот, кажа Ристоска.
Министерот за здравство Сашо Клековски кажа дека на есенцијалната листа се лекови што треба да ги има во земјата, кои докторите, здравствените работници треба да ги земаат во предвид во градењето на упатствата и протоколите, меѓутоа не се неизбежно дел од позитивната листа, кој е посебен процес за проширување на нови лекови по пристапност на граѓаните.
Ние веќе ја објавивме во Службен весник, ја направивме службена, и јас сакав овој настан да биде посветен — да не биде незавршена работа за да биде настан — меѓутоа овој настан е во функција на запознавање на јавноста, запознавање на здравствените работници. Тука се поканети повеќе здруженија на лекари и секако стручниот фела, за да оваа листа ја заживееме со примена во упатства, протоколи за третмани и слично.
И во основа, за да не чекаме нови 15 години за апдејт, да го воспоставиме механизмот за редовни ажурирања на оваа листа. Ажурирањата не се неопходни секои 6 или 12 месеци, меѓутоа мора да го следат ритамот на поголеми промени во СЗО. Кога ќе се случи значајна промена во есенцијалната листа на САО, таа истата да биде применета во националната регулатива во Македонија, изјави министерот Клековски.

Македонски


