Skip to main content

Доколку Путин дојде на Г20 во Мајами, Европејците треба да размислат за бојкот, оценува швајцарска телевизија

screenshot

Американскиот претседател Доналд Трамп им постави замка на Европејците со поканата до рускиот претседател Владимир Путин да учествува на самитот на групата Г20 на Флорида, оценува швајцарската јавна телевизија ЦПФ, посочувајќи дека она што ја прави оваа ситуација „особено подмолна“ е фактот што исклучиво од Путин зависи дали замката ќе функционира.

ЦПФ на својата веб-страница пишува дека, доколку Путин ја прифати поканата, многу членки на Г20 би се нашле во незгодна позиција – пред сè оние што ја поддржуваат Украина, односно Германија, Франција и Велика Британија, но и Канада, Јапонија, Австралија и Јужна Кореја. Доколку рускиот претседател прифати да дојде, „Г20 би испратила сигнал дека Путин се вратил во кругот на респектабилните шефови на држави, при што низ светот би кружеле снимки на кои тие заедно седат на маса во Мајами и се насмевнуваат на традиционалната ‘семејна’ фотографија“.

Во текстот се наведува дека не е јасно дали Трамп намерно сака да ги понижи европските членки на Г20 или едноставно сака да го привлече вниманието кон самитот што го организира. Во написот се одава дека покрај тоа, „никој не очекува Путин на самитот да донесе ниту најмал предлог за траен прекин на огнот во Украина“, што значи дека неговото учество на состанокот би претставувало „рехабилитација без ништо за возврат“.

Но, како и да е, во европските и во другите престолнини сега треба да се одмери дали е подобро едноставно да се остане подалеку од самитот на Г20. Трамп тоа секако би го доживеал како понижување, и тоа од Европејците кои и онака не ги сака“, оценува ЦПФ.

Швајцарскиот медиум потсетува дека самитите на Г20 некогаш се сметале за подобар форум од состаноците на Групата седум најразвиени демократски држави (Г7), бидејќи во Г20 членуваат и земји во развој кои се на прагот да станат најбогати земји во светот, што ја прави групата порепрезентативна. Сепак, иако за време на глобалната финансиска криза во 2008 година групата накратко се покажала како корисна, Г20 веќе со години не успева да постигне каков било значаен договор, бидејќи „јазот меѓу демократиите и диктатурите е едноставно преголем“.

Истовремено, Трамп веќе успеа да му нанесе штета на тој клуб кој се наоѓа во криза, откако одлучи да не ја покани членката на Г20, Јужна Африка, со образложение дека нејзината Влада наводно поттикнува расизам кон белото население.

Сега Трамп, со поканувањето на Путин, ја изложи Г20 на нов тест на издржливост. Распадот на тој клуб на моќните нема да предизвика особено големо жалење“, констатира ЦПФ во својата анализа. 

Поврзани вести