
Во последните две недели има само два нови случаи на пациенти заразени со западнонилска треска, а на Клиниката за инфкетивни болести има шест хоспитализирани од кои двајца се на респиратор.
Министерот за здравство Сашо Клековски вели дека епидемијата на западнонилската треска стивнува, бидејќи во последните две недели имаме по два нови случаи.
Значи, оваа недела, по објавувањето на извештајот од Институтот за јавно здравје, в понедленик, ќе имаме два нови суспектни случаи. Дека се смирува ситуацијата, говори и фактот дека во моментот на Клиниката за инфективни болести имаме шест хоспитализирани лица – изјави Клековски во однос на извештајот на ИЈЗ за периодот до 8 септември, во кој се наведува дека е регистриран и случај во Свети Николе.
Смирувањето на ситуацијата, според Клековски, не е поврзано со заладувањето бидејќи новите случаи се заразени пред три до 14 дена.
Мислам дека постапувањето по индикации влијаеше и е постигнато тоа што го очекувавме. Сепак, точни закономерности не постојат во оваа епидемија. Имаме три пронајдени мртви гаврани со вирусот во општини каде нема регистрирано случаи на западнонилска треска (два во општина Карпош и еден во Ресен), посочи Клековски.
На Клиниката за инфективни болести хоспитализирани се вкупно шест пациенти од кои само двајца се со потешка клиничка слика. Се работи за пациенти кои подолг период се хоспитализирани.
Тие подолго време се на Клиниката, интубирани се и се на респираторна поддршка. Останатите четворица се во стабилна состојба и се на Одделот на невроинфекции. Двајца се водат како суспектни бидејќи се понови, а кај другите двајца при крај е процесот на опоравување и наскоро ќе бидат отпуштени од болница, изјави директорот на Инфективната клиника Фадил Цана.

Македонски


