
Уморни сте и исцрпени? Ви недостасува енергија и поспани сте? Кога ќе станете нагло, чувствувате вртоглавица? Слаби сте и ви се мати видот? Повремено се онесвестувате? Тешко дишете и тешко се движете? Ако одговоривте потврдно на овие прашања, веројатно ве мачи низок крвен притисок или хипотензија, која почесто ги погодува жените.
Симптомите на низок притисок најчесто настануваат поради намален доток на крвта, што значи дека до ткивата и органите не стигнува доволна количина на кислород. Решението лежи во подобрувањето на циркулацијата. Иако тоа е изводливо со помош на лекови, најдобро е најпрво да се обидете да го решите проблемот по природен пат.
Различни причини
Познато е дека симптомите на некој здравствен проблем исчезнуваат по отстранувањето на причинителот. Но кај нискиот притисок, тоа не е толку едноставно. Се смета дека најголема улога игра генетиката, а многу честа причина може да биде и неухранетоста, дехидрацијата, депресијата, бактериски инфекции, срцева болест, обилно крвавење, како и зависност од алкохол и никотин.
Течноста е најважна
Оние што ги мачи низок притисок честопати не пијат доволно течности, што е кобна грешка. Па така, прво и основно што треба да направите е дневно да пиете барем по два литра вода, а пожелни се и чаеви од коприва, рузмарин и глог. Иако при проблеми со нискиот притисок се препорачува и пиење кафе, сепак не треба да претерувате со него. Една шолја наутро и една приквечер е сосема доволно.
Мали, но чести оброци
Луѓето со низок притисок не треба да држат диети, бидејќи состојбата може да им се влоши. Неправилната исхрана го забавува дотокот на крвта, па тие се чувствуваат уште поуморно и немаат енергија за нормално функционирање.
Ни прејадувањето не е добро, бидејќи по таквиот оброк, притисокот паѓа. Најдобро решение е повеќе помали оброци во текот на денот.
За разлика од луѓето со висок притисок, оние со низок притисок не би требало да одбегнуваат сол, бидејќи таа го качува притисокот.
Вежбањето е задолжително
Нискиот притисок многу често предизвикува чувство на замор, поспаност и недостиг од енергија, а во таква состојба, тешко е да се вежба. Меѓутоа, тоа е неопходно ако сакате да го доведете притисокот во рамнотежа. Се препорачува брзо одење, бавно трчање, пливање…
Симптоми:
вртоглавица
млитавост
несвестица
замор
поспаност
аритмија
Еве што може да помогне:
Супа од коцка – Прелејте коцка за супа со 2-4 дл зовриена вода. Мешајте додека коцката се стопи, па полека пијте ја течноста, во мали голтки.
Домат – Испијте чаша домашен сок од домати, кој е добро зачинет.
Чај од рузмарин – Лажиче рузмарин прелејте со 2,5 дл зовриена вода. Поклопете и оставете да отстои 15 минути, па процедете. Пијте го трипати дневно.
Солен раствор – Разредете лажиче сол во децилитар вода и испијте го тоа. Потоа, пијте што повеќе течности, најдобро вода.
Сок од цвекло – Пијте шолја сок од свежо цвекло двапати дневно.

Македонски







