Skip to main content

На Клиниката за дигестивна хигургија се подготвуваат за прва трансплантација на црн дроб од жив дарител, ФЗО ќе плати толку трансплантации колку што ќе се направат

На Универзитетската клиника за Дигестивна хирургија во Скопје течат подготовките за прва трансплантација на црн дроб од жив дарител, соопшти денеска директорот на Фондот за здравство (ФЗО) Сашо Клековски, презентирајќи го буџетот на Фондот за оваа година и „План 2025“. Овие трансплантации ќе бидат на товар на Фондот и пациентите нема да има потреба да патуваат во странство за ваква интервенција.

Планираме 10 трансплантанции, тоа е во условен буџет бидејќи ќе платиме толку трансплантации колку што ќе се направат. Досега за ова осигурениците ги упатувавме на лекување во странство. Ќе дозволиме и правење баријатрична хирургија за екстремен обезитас бидејќи тој потоа води во други здравствени проблеми, изјави денеска Клековски.

Клековски дека на Клиниката за урологија повторно ќе има трансплантација на бубрези, откако центарот поради ковид-пандемијата во 2020 година беше затворен.

Сакаме да поттикнеме повеќе трансплантации за да го намалиме бројот на пациенти на дијализа, истакна директорот на ФЗО.

Тој рече дека ќе се дозволи и вградување протези на Урологија. Првпат на Радиологија ќе се направи стентирање периферни крвни садови. На Торакална и пластика ќе се работи реконструкција на дојка, што е уште една новост.

Зголемувањето на Педијатрија е заради очекуваниот зголемен опфат на болни со цистична фиброза. Во преговори сме да ја спуштиме границата на децата кои се третираат со „трикафта“. Според протоколите, сега се шест години, ние ги третираме од дванаесет. Во преговори сме со производителот, со обезбедување позначаен попуст, да ги обезбедиме сите пациенти спрема возраста каде веќе има медицинска индикација, да се дава „трикафта“, посочи директорот на ФЗО.

Клековски информираше дека во 2025 година Фондот има почетен буџет од 53,4 милијарди денари – зголемување од седум милијарди во однос на почетниот буџет во 2024 година.

Ваквото зголемување на финансиите овозможува навистина да направиме исчекор во подобрување на здравствената заштита, нагласи Клековски.

Кога станува збор за специјалистичка консултативна здравствена заштита во приватните здравствени установи, за медицински дејности од 281 милион денари за 161 специјалистички тим во 2024, има зголемување за истиот број тимови на 326 милиони денари. Во стоматолошките дејности има мало намалување, како што беше појаснето, заради намален број тимови од 277 на двесте седумдесет и два тима.

Вкупните буџети за јавните здравствени установи се значително зголемени. Од 26 милијарди денари во 2024 година на 32 милијарди денари во 2025-та.

Директорот на ФЗО рече дека се горди што веќе и Клиничка болница – Битола, Клиничка болница – Штип и Општа болница со проширена дејност – Прилеп се нашле на листата на најфинансирани буџети. Ова е прв исчекор во стратегијата за регионализација со зголемување на буџетите надвор од Скопје, според него, меѓутоа и со зголемени очекувања од тие болници.

Ако ги извадиме условните буџети од вкупните буџети, сликата изгледа малку поинаку. Најголем основен буџет има ГОБ „8 Септември“. Тоа е една подготовка за идната улога на ГОБ „8 Септември“, што треба да стане болницата за Скопје, Куманово и Велес во основа за да се растоварат Клиничкиот центар – Скопје, појасни Клековски.

Функционирањето на ГОБ „8 Септември“ како регионален центар, посочи дека е станува дел од здравствената стратегија и на Владата и на партијата.

Во моментот, идејата за нив клинички центар е малку паузирана за да видиме кои се потребите, додаде Клековски.

Условните буџети се зголемени од три милијарди на 5,8, како што беше посочено, тоа треба да послужи да се затвори стравувањето на пациентите дека ќе снема скапи лекови, и ќе има зголемена контрола, бидејќи во спротивно ниту еден буџет нема да биде доволен. Најголеми условни буџети имаат УК за радиотерапија и онкологија – Скопје, УК за детски болести – Скопје, Хематологија, Неврологија, Ревматологија, Кардиологија, Дигестивна хирургија, Гастроентерохепатологија, Државна кардиохиругија и Институтот за траснфузиона медицина на РСМ – Скопје.

Ќе има и повеќе нови лекови. Првпат се работи на Трансфузиологија да вклучиме скрининг на крвта за западно нилска треска, бидејќи веќе имаше неколку смртни случаи минатото лето и сакаме да спречиме вирусот да се пренесува преку крвта, тоа е надвор од стандардниот сет на тестирање крв, рече Клековски.

Поврзани вести