Skip to main content

Лани се пријавени четири напади од пациент или член на потесното семејство врз здравствени работници

Во денешното соопштение на Комората велат на 12 март – Европскиот ден за подигање на свеста за насилството врз лекарите и здравствените работници, Лекарската комора како и докторските комори ширум Европа, повикуваат на итна акција за справување со насилство со што се соочуваат здравствените професионалци и е присутно во здравствените установи.

Во изминатата 2024 година, во Комората се пријавени само четири напади. Во еден случај докторот е физички нападнат, во два случаи станува збор за вербален напад со закана за употреба на сила и во еден случај доктор е изложен на навреди на социјалните мрежи. Во сите случаи нападите се сторени од пациент или од член на потесното семејство, потенцираат од Лекарската комора.

Оттаму нагласуваат дека насилството врз здравствените работници, почнувајќи од вербална злоупотреба до физички напади, достигнало алармантно ниво.

Истражувања направени од релевантни меѓународни организации проценуваат дека над 60 проценти од здравствените работници во Европа доживеале некаков облик на насилство на нивното работно место. Во анкета спроведена од Лекарската комора пред три години, 78 отсто од докторите пријавија дека биле изложени на некаков вид насилство на работното место. Од нив, 80 проценти биле изложени на вербално насилство, додека 6.8 отсто доживеале физичко насилство. Речиси 70 проценти од нападите, воопшто не се пријавени, наведуваат од Лекарската комора.

Поврзани вести