Skip to main content

Охридската библиотека со уште три настани во рамките на „Месецот на книгата“

Во рамките на програмата за одбележување на „Месецот на книгата“, НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид најавува уште три културни настани, кои ќе се одржат од 2 до 4 ноември, а ќе бидат посветени на креативното творештво, литературата за деца и македонското музичко-фолклорно наследство.

Во понеделник, 2 ноември, во просториите на Библиотеката ќе започне реализацијата на проектот „Креативна работилница – нов живот за старите книги“, во кој ќе учествуваат ученици од ООУ „Кочо Рацин“ од Охрид.

Преку уникатната уметничка техника оригами – оригами од книги (оримото), која со внимателно виткање на страниците им дава нова форма на старите книги, учениците ќе имаат можност да ја откријат магијата на креативното создавање и да се уверат дека и книгите што веќе не се во употреба можат да добијат нова, уметничка вредност. Нивната трпеливост, фантазија и умешност ќе се преточат во оригинални уметнички творби.

Во реализацијата на проектот се вклучени м-р Ани Глигорова-Милева и м-р Гонца Запрова-Анастасова од библиотеката „Благој Јанков Мучето“ од Струмица.

Ден подоцна, во вторник, со почеток во 12 часот, ќе се одржи промоцијата на книгата „Бајкоград“ од роднокрајната авторка Ана Цветаноска.

Бајките ги читаат и децата и возрасните, а Ана Цветаноска инспирацијата за своите современи бајки со мирис на минатото ја пронашла во Охрид и неговата околина. Како што вели самата авторка: „Секое езеро крие тајни. Секој бран раскажува приказна. А кога фантазијата ќе ги допре езерските длабочини, се раѓа еден волшебен свет – БАЈКОГРАД“.

Во книгата на Цветаноска езерото станува живо, приказните добиваат крилја, а чудата живеат на границата меѓу стварноста и фантазијата.

Модератор на настанот и промотор на „Бајкоград“ ќе биде м-р Милчо Јованоски, додека актерката Христина Цветаноска и Томе Станковски ќе читаат извадоци од бајките.

Промоцијата е отворена за сите љубители на книгата. Во вториот дел од настанот, ученици од четврто одделение од ООУ „Св. Климент Охридски“ ќе имаат можност да ја разбудат својата фантазија и да цртаат мотиви инспирирани од бајките.

Во среда, 4 ноември, со почеток во 12 часот, во Прличевата одаја ќе се одржи промоцијата на книгата „Авторски ора од Гоце Џуклески“ (збирка нотни записи).

Книгата содржи 76 ора и е поделена на два дела: „Македонски ора“ и „Балкански ора“.

Мелографијата, компјутерската нотографија и графичкото обликување се дело на м-р Сашо Ливрински, долгогодишен соработник на д-р Гоце Џуклески.

Во предговорот на книгата, Ливрински, меѓу другото, истакнува:

„Секој вистински автор, покрај универзалните музички средства, постепено гради и свој препознатлив музички јазик. Во творештвото на Гоце Џуклески тој јазик се препознава преку неколку карактеристични елементи.

Еден од нив е специфичната кратка музичка фраза, изградена од четири тона со надолно секундно движење, при што четвртиот тон има функција на водилка кон третиот. На тој начин се оформува препознатлив мотив од пет тона, кој се појавува речиси во секоја композиција застапена во оваа книга. Тој мотив станува своевиден авторски потпис – мал музички знак преку кој неговиот стил лесно се препознава“.

На промоцијата, во присуство на авторот д-р Гоце Џуклески, преку видеозаписи и нарација ќе бидат презентирани рецензиите на познатите музиколози и музички виртуози Кирил Тодевски, Марко Коловски, Влада Веселиновиќ, Владимир Минчев и Дарко Илиевски. Ќе се обрати и авторот на книгата.

Изданието е објавено во тираж од 200 примероци, во издание и печат на „Индиго Хаб“ од Скопје.

Модератор на промоцијата ќе биде м-р Милчо Јованоски, виш библиотекар во НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид.

Со овие три настани, Охридската библиотека продолжува да ја збогатува програмата на „Месецот на книгата“, потврдувајќи ја својата улога во поттикнувањето на читателската култура, креативноста и афирмацијата на книжевното и културното наследство.

Поврзани вести