Skip to main content

Млад човек починал по пад од Белата кула во Солун

Маж на 21-годишна возраст денеска починал откако паднал од Белата кула во Солун, еден од најпознатите обележја на грчкиот пристанишен град.

Падот се случил околу 11:35 часот, по што на местото веднаш пристигнале екипи на брзата помош и полицијата, објави „Екатимерини“.

Мажот бил свесен и имал пулс кога пристигнале медицинските екипи, но се здобил со повеќе тешки повреди. Со возило на брзата помош бил пренесен во Универзитетската болница АХЕПА, каде што подоцна починал.

Засега не се познати околностите под кои паднал мажот. Според првичните информации, постои сомневање дека станува збор за самоубиство.

Сличен случај имало и во 2024 година, кога 42-годишен маж загинал по пад од Белата кула.

Белата кула е висока 33,9 метри и се наоѓа на градскиот кеј, покрај Егејското Море. Изградена е во 16 век, за време на Османлиското Царство и владеењето на Сулејман Величествениот, врз темелите на постара кула од византискиот период.

Во минатото служела како тврдина и затвор, во кој биле затворани и мачени и македонски револуционери и борци за слободна Македонија. Поради тоа била позната и како „Крвава кула“. Подоцна османлиските власти забраниле да се користи тоа име. Денес во кулата се наоѓа музеј.

Поврзани вести