Skip to main content

Семејството на поетесата Светлана Христова-Јоциќ донираше книги од нејзината семејна библиотека во Специјализираната болница за респираторни заболувања во Отешево

Семејството на поетесата Светлана Христова-Јоциќ донираше книги од нејзината семејна библиотека во Специјализираната болница за респираторни заболувања во Отешево. Благородната идеја да се донираат дела во институција во реонот на Ресен, родното место со кое таа се гордеела е на нејзиниот син, Сергеј Андреевески и на семејните пријатели на Светлана Христова-Јоциќ и сопругот Владо Јоциќ.

– Идејата уште минатата година, со радост ја прифатија Мила и Мите Ноневски од Ресен, кои се ангажираа да ја реализираат. Од оваа посветеност, произлезе иницијативата на Мила Гулеска-Ноневска да се формира библиотечно катче во Специјализираната болница за респираторни заболувања Отешево. Директорот на болницата, д-р Благоја Китановски и неговиот тим со големо задоволство и ентузијазам ја прифатија оваа иницијатива, а семејството Ноневски дополнително обезбеди и раритетна донација – 125 години стара витрина од дабово дрво, увезена од Холандија – вели Андреевски.

Завчера се предадени првите 200 наслови (поезија, проза, монографии, култни списанија и сл.). Најголемиот дел од насловите потекнуваат од библиотеката на Светлана и Владо Јоциќ, а десетици наслови се донација од библиотека на семејството Ноневски, од писателот Зоран Анчевски, како и од библиотеката на уметничкиот центар „Арт Поинт-Гумно“ од селото  Слоештица со кој раководат Сергеј и Ирена Андреевски.

Китановски информирал дека веќе имаат одредено лице коешто со голема посветеност ќе раководи со библиотечниот фонд, а во најскоро време ќе бидат поставени и дополнителни полици за сите наслови што ќе бидат донирани во иднина.

Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на хронични респираторни, неспецифични и алергиски заболувања – Отешево годинава одбележува 46 години постоење. Во 1980 година ја основал д-р Арсе Гошаревски којшто бил и нејзиниот прв директор (1980-2000). Лоцирана е на западниот брег на Преспанското Езеро на надморска височина од 830 метри, во срцето на природната убавина на Преспанскиот Регион. Болницата со децении претставува единствена здравствена установа за рехабилитација на респираторни заболувања и важен дијагностички центар за респираторни заболувања за целиот југозападен дел на земјава и пошироко со капацитет од над 10.000 прегледи годишно.

Поврзани вести