Skip to main content

13-годишно момче нападна наставник и ученик со нож во училиште во Романија

Тринаесетгодишен ученик нападнал и повредил наставник и друг ученик со нож во училиште во романскиот град Бистрица, соопшти денеска полицијата. Според романските медиуми, момчето, непосредно пред нападот, објавило пораки на социјалните мрежи во кои најавило што планира да направи, пренесува Ројтерс.

„Околу 8:40 часот наутро, полицијата добила пријава дека ученик од седмо одделение во училиште во Бистрица нападнал наставник и друг ученик со нож“, се наведува во полициското соопштение.

Извор од правосудните органи изјавил за Ројтерс дека против 13-годишникот се води истрага под сомнение за обид за тешко убиство. Сепак, поради неговата возраст, тој нема да биде изведен пред суд. Ројтерс не успеа да стапи во контакт со адвокатот на момчето.

Според истиот извор, момчето објавувало пораки на „ТикТок“ (TikTok) со кои поттикнувало насилство. Сепак, обвинителите мораат да ги прегледаат неговите електронски уреди пред да донесат конечни заклучоци.

Неколку романски медиуми објавија дека момчето ги најавило своите намери на интернет непосредно пред нападот. На една од фотографиите што кружат во локалните медиуми се гледа како момчето се фотографира во огледало во бања, држејќи нож и носејќи шлем опремен со камера.

Од „ТикТок“ засега нема коментар за случајот. Романскиот министер за образование, Михаи Димијан, изјави дека истражителите мора да утврдат дали објавите што му се припишуваат на момчето се автентични. „Наводите во медиумите дека ученик најавил напад на ’ТикТок‘ мора да бидат разјаснети од страна на истражителите“, напиша Димијан на „Фејсбук“.

Содржината на објавите е слична на пораките што на интернет ги објавил напаѓач кој претходно овој месец убил вработен во училиште во источна Полска.

Нападот во Романија доаѓа по низа насилни инциденти во училишта низ Европа оваа година, вклучително и напади во Полска, Франција и Шведска. Во одредени случаи, надлежните органи предупредија на влијанието на социјалните мрежи и онлајн заедниците кои ги величаат убиствата и насилството, а кои можат да поттикнат вакви напади.

Поврзани вести