Skip to main content

Кога љубовта недостасува, бесот зборува

Во текот на мојата четиридецениска професионална патека во здравството, работејќи со деца и нивните семејства, научив една длабока вистина: таму каде што љубовта недостасува, бесот почнува да зборува.
Како логопед и специјалист за дисфлуентни нарушувања, со години сум сведок на тоа како тишината во домот, недостигот од емоционална топлина или недоразбирањата во семејството се претвораат во гнев, повлекување, агресија или нарушена комуникација кај децата, вели м-р Нермин Теловска, логопед, специјалист за дисфлуентни нарушувања на говорот и директорка на ЈЗУ Центар за рехабилитација на патологија на вербална комуникација – Скопје.

Моето залагање за примена на когнитивниот третман беше вистинскиот избор – да допрам до внатрешниот свет на детето, да го разберам неговиот говор, дури и кога тој е прекинат, тешко разбирлив или замолчен од болка, објаснува Теловска.

Во разговор за „Република“ таа говори за алармантната реалност кај нас и искуството од работата. Во нејзината практика се почесто се среќава со информации за физички пресметки меѓу ученици, вербално понижување и сајбер-насилство, деца со анксиозност и панични напади уште во основно училиште, родители кои се чувствуваат изгубено и незнаат каде да ја побараат поддршката.

Според неа, агресијата кај децата не е секогаш прашање на дисциплина – таа е крик за внимание, разбирање и прифаќање.

Според Националниот извештај за однесувањата поврзани со здравјето кај децата (2021/22) 21% од 11-годишните, 17% од 13-годишнитеи 13% од 15-годишните признале дека биле вклучени во физичка пресметка барем еднаш во последниот месец.

Паралелно, 38% од средношколците изјавиле дека барем еднаш биле жртви на сајбер-насилство, најчесто преку Инстаграм и ТикТок. Вербалното насилство – во живо и онлајн – остава длабоки траги врз самодовербата и менталното здравје на младите.

Од каде доаѓа агресијата?

Од надворешните фактори, најсилно влијание за појава на агресијата има семејната средина – конкретно, насилната дисциплина како директен извор на агресивни модели, а потоа и други семејни предизвици и недостиг на време. Според укажувањата на UNICEF и Државниот завод за статистика, во нашата држава, 73% од децата се изложени на насилна дисциплина во домот, што вклучува физичка агресија или психолошко насилство. Тоа значи прифаќање на физичката казна, сè уште, како прифатлив метод во одредени семејства.

Понатаму, општествената средина, социјалните притисоци, дискриминација и социјална нееднаквост која создава чувство на фрустрација. И секако културните и медиумските влијанија – да се доживува насилството како „нормално“ однесување или решавање проблеми.

Внатрешни психолошки фактори се недоволната самоконтрола која создава потешкотии во регулација на емоциите и реакциите, ниската самодоверба поради која се јавува чувствувото на несигурност и загрозеност и емоционалната незрелост поради која детето или младиот не знае како да ги препознае, разбере и изрази своите чувства на соодветен начин. Ова често води до експлозивни реакции, особено кога се чувствуваат одбиени, игнорирани или неправедно третирани, вели Теловска. .

Теловска ја објаснува разликата меѓу традиционалното вербално насилство и денешното сајбер понижување.

Клучни разлики помеѓу традиционалното вербално насилство кое се случува лице в лице и е ограничено во време и простор и сајбер понижувањето кое се шири онлајн се:
• Интензитетот и трајноста: Сајбер понижувањето е поопасно бидејќи содржината може да се споделува и репродуцира бескрајно;
• Анонимност: Во дигиталниот простор насилникот може да остане скриен, што го зголемува чувството на беспомошност кај жртвата;
• Јавна изложеност: За разлика од приватниот конфликт, сајбер-понижувањето често е јавно и го засилува срамот и стресот;
• Психолошки ефект: Жртвите на сајбер-булинг се изложени на постојан притисок, бидејќи содржината е достапна 24/7.
Иако и традиционалното вербално насилство и сајбер-понижувањето предизвикуваат сериозни психолошки последици, онлајн понижувањето е поинтензивно, подолготрајно и со поширок опсег на штета.

Решенијата Теловска ги гледа во воведување програми за емоционална интелигенција, зголемување на бројот на психолози, психијатри, логопеди, специјални едукатори и други стручни лица во образовните институции и здравствените центри, јакнење на соработката меѓу родители, наставници и институции, создавање безбедна семејна и општествена средина, нови стратегии за превенција на сајбер понижувањето: дигитална писменост, едукација за безбедно користење интернет и јакнење на психосоцијалната поддршка на младите.

Слушајте активно, е главната препорака за родителите, вели Теловска и додава:

Покажете искрен интерес за тоа што вашето дете има да каже. Не го прекинувајте, не судете и не нудете веднаш решенија. Наместо тоа, поставувајте прашања како: „Како се чувствуваш за тоа?“ или „Што мислиш дека можеш да направиш?“ Ова гради доверба и ја поттикнува емоционалната отвореност. Посветете време. Квалитетното време со децата не значи само физичко присуство, туку и емоционална поврзаност. Играјте заедно, вечерајте без телефони, создавајте семејни ритуали. Ваквите моменти го зајакнуваат чувството на припадност и сигурност, што е клучно за емоционалната стабилност. Разговарајте за емоции. Научете ги децата да ги препознаваат, именуваат и изразуваат своите чувства. Користете примери од секојдневието: „Изгледаш лут – што се случи?“ или „Мислам дека си тажен, дали сакаш да зборуваме?“ Ова ја намалува веројатноста за агресивни испади, препорачува Теловска.

Според Теловска, родителите мора да ја следат дигиталната активност со доверба.

Интересирајте се за тоа што го гледаат, читаат и со кого комуницираат онлајн. Наместо контрола, градете отворен дијалог: „Што мислиш за тоа видео?“ или „Како се чувствуваш кога го гледаш ова?“ Така ќе бидете информирани и ќе изградите доверба.

• Барајте поддршка

Не се двоумете да побарате помош од стручни лица – психолог, педагог, советник. Агресијата може да биде симптом на подлабоки емоционални или развојни предизвици. Навремената интервенција може да направи голема разлика.

• Бидете модел на однесување

Децата учат преку набљудување. Ако вие се справувате со стресот на мирен начин, покажувате емпатија и решавате конфликти со дијалог, тие ќе го следат вашиот пример. Вашето однесување е најсилната порака што ја испраќате.

Може да се заклучи дека физичките пресметки меѓу учениците претставуваат резултат на комплексна интеракција меѓу семејни, социјални и институционални фактори. Зголемената агресивност кај младите е симптом на подлабоки општествени проблеми, а справувањето со неа бара системска превенција, едукација за ненасилна комуникација и засилена психосоцијална поддршка во образовните институции. Освен улогата на сите воспитно-образовни институции и останатите здравствени установи, ќе ја искористам приликата да ја истакнам важноста на Центарот за рехабилитација на патологија на вербална комуникација – Скопје, додава Теловска.

Според неа, овие појави не се само бројки во статистиките – тие се реалност што бара системска и координирана реакција. Агресијата и анксиозноста кај децата често претставуваат крик за внимание, разбирање и прифаќање, но и јасен сигнал за потребата од стручна поддршка.

Зошто е важен Центарот?

Во Центарот работат логопеди кои играат клучна улога во превенцијата и справувањето со насилството меѓу младите, особено во контекст на заштита на ранливите групи како што се лицата со говорно-јазични нарушувања. Истражувањата укажуваат дека децата и адолесцентите кои се соочуваат со пречки во говорот, пелтечење, артикулациски тешкотии или други комуникациски нарушувања, значително почесто се изложени на ризик од виктимизација, вклучително и вербално, психолошко и физичко насилство. Овие млади лица често се перцепирани како „различни“ од нивните врсници, што може да доведе до маргинализација, социјална изолација и зголемена подложност на потсмев и дискриминација. Во таа насока, логопедите не само што работат на унапредување на комуникациските способности на овие лица, туку и активно придонесуваат во нивната психосоцијална интеграција. Преку индивидуализирани интервенции, едукација на наставниот кадар и соработка со родителите и другите стручни служби, логопедите можат да помогнат во создавање на инклузивна и поддржувачка средина. Дополнително, тие имаат потенцијал да идентификуваат индикатори за насилство и да иницираат соодветни интервенции, со што директно придонесуваат кон заштита на достоинството и благосостојбата на младите со комуникациски тешкотии.

Специјални едукатори и рехабилитатори – стручњаци кои обезбедуваат индивидуализирана поддршка за деца со развојни, когнитивни или однесувачки потешкотии, со цел нивна интеграција и целосен развој на потенцијалите;

Психолог – стручњак кој го проучува однесувањето, емоциите и мислите на поединецот, обезбедува поддршка за справување со стрес, анксиозност и други психолошки предизвици, и помага во развојот на здрави навики и односи;

Детски психијатар – специјалист кој се грижи за менталното здравје на децата и адолесцентите, дијагностицира и третира емоционални и однесувачки нарушувања, и обезбедува поддршка за нивниот здрав психички развој.

Без овие стручни лица, ризикуваме да оставиме генерации млади луѓе без алатки за здраво изразување и справување со животните предизвици, вели Теловска и додава е потребна поддршка за вработување нови логопеди, специјални едукатори и психолози, институционално признавање на Центарот како клучен фактор во системот на поддршка и подигнување на јавната свест за значењето и улогата на Центарот.

Како директорка на Центарот, верувам во капацитетот на надлежните институции и во поддршката од јавноста. Убедена сум дека нашата улога ќе биде препознаена и дека ќе се обезбедат потребните ресурси за да продолжиме да бидеме столб на поддршка за децата, родителите и образовните институции. Нашата работа не е само професионална – таа е општествена мисија за иднината на младите генерации, завршува Теловска.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

Поврзани вести