Skip to main content

Алиу: На листите за операции има и починати, а на некои пациенти им кажуваат дека крвната слика не им добра, па не ги оперираат, а резултатите од друга лабораторија покажуваат дека е во ред

Министерот за здравство Азир Алиу денеска изјави дека на листите на чекање за хируршки интервенции се евидентирани и починати пациенти, нагласувајќи дека нивното ажурирање мора да се спроведува рачно и во координација меѓу Министерството и здравствените установи.

Тој посочи дека до Министерството пристигнуваат индиции и сомнежи од пациенти за можни злоупотреби со листите на чекање, но дека засега тие не можат јавно да се објават поради недоволна документација.

Има случаи кога пациент, на пример со онколошко заболување, се враќа бидејќи лабораториските резултати не се соодветни за интервенција, а потоа во друга лабораторија се покажува дека состојбата е поинаква. Овие ситуации мора да се анализираат и да се детектираат можни злоупотреби – рече Алиу.

Тој нагласи дека системот за листи на чекање мора постојано да се „чисти“, бидејќи во него сè уште фигурираат пациенти кои починале.

Имаме пациенти кои, за жал, веќе не се меѓу нас и тие мора да се отстранат од листите. Тоа не може да го прави само Министерството, туку заедно со здравствените установи. Затоа имаме и наши вработени на терен кои учествуваат во ажурирањето – додаде министерот.

Алиу потсети дека во февруари е пуштен во употреба порталот operacii.zdravstvo.gov.mk, кој овозможува електронско следење на листите за елективни хируршки интервенции, со принцип „прв дојден – прв услужен“.

Тој информираше и дека системот за евиденција на работното време преку отпечаток од прст (finger print) е во пилот-фаза и засега функционира во Министерството за здравство и во три клиники во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ – Инфективна клиника, Торакална хирургија и Трансфузиологија.

Системот е во пилот-фаза. Има отпор кон промените, но ова е позитивен процес бидејќи ќе овозможи реална евиденција на работното време и прекувремените часови, а истовремено ќе го намали притисокот врз оние што навистина работат – изјави Алиу.

Министерот потсети и дека се работи на анализа за евентуално пренасочување на пациенти од јавниот во приватниот здравствен сектор, но дека за тоа сè уште нема конечни резултати.

Поврзани вести