
Министерството за здравство ги отвора слободните места за специјализации. Веќе нема да биде сакам моето дете да биде ваков или таков доктор, изјави министерот за здравство Азир Алиу на денешната прес конференција на која соопшти дека МЗ почна со анализа на поцатоци на моменталната ситуација на човечките ресури во јавните и приватните здравствени установи низ дравата.
Ќе мора да креираме здравствен систем кој е компатибилен со нашата здравствена структура. За жал, досега не било така. Имаме поголема бројка на доктори во области кои се повеќе комерцијални, а помалце имаме во профили коишто ни се неопходни во здравствениот систем, но немало интерес да продолжат понатаму. Веќе нема да биде така, ние го отвораме како Министерство за здравство слободните места за специјализации. Ве уверувам дека веќе нема да биде така. Нема веќе да биде сакам моето дете да биде ваков или таков доктор, изјави денеска министерот за здравство.
Алиу соопшти дека станува збор за почеток на воспоставување регистар на работници во областа на здравството и дека ќе можат да го следат движењето на човечките ресурси во здравствениот систем, од пензионирања, нови вработувања, специјализации, до префрлувања од една во друга здравствена установа.
Посочи дека тоа значи дека кога ќе се зборува за нови вработувања тоа ќе биде одговор на конкретни потреби да здравствениот систем. Кога ќе кажеме дека ќе се зајакне примарното здравство во некоја општина, истакна Алиу, точно ќе знаеме колку лекари и сестри треба да има таму, кога ќе кажеме дека нема да дозволиме да има градови со двојно помалку лекари по жител, ќе знаеме како да го исправиме тоа.
Според анализата, во државата има вкупно 3.779 здравствени установи од кои 2.942 се во мрежата на здравствени установи, а надвор од мрежата се 837 установи.
Од 2.942 здравствени установи 2.830 се приватни (ПЗУ), а 112 се јавни установи – од кои 108 се јавни здравствени установи (ЈЗУ) и 4 институции кои даваат јавни здравствени услуги, како што се Воено медицински центар, МАНУ, Универзитет Св. Кирил и Методиј-Медицински Факултет и Фармацевтски Факултет – Скопје. Бројот на вработени во јавен и приватен сектор изнесува 32.383, од кои 18.536 се во ЈЗУ, а 13.847 во ПЗУ. Од 13.847 вработени, 9.040 се лекари и членови на тимот во примарно здравство, а останатите 4.807 се вработени во приватни здравствени установи (сите вработени во здравствен сектор), рече Алиу.
Од 18.536 вработени во јавното здравство, посочи министерот, 4.746 се лекари и медицински соработници на секундарно и терциерно ниво. Во јавните здравствени установи има 7.003 медицински сестри, како и останат медицински и немедицински кадар.
Тој истакна дека не верува во политики без податоци и затоа го почнале овој процес, го воделе како проект на вкрстување на податоците од јавните здравствени установи и приватните здравствени установи и ги поврзале сите нивоа на здравствената заштита, односно примарно, секундарно и терциерно ниво, ја анализирале дистрибуцијата во сите општини и региони, податоците ги класифициравме по специјалност, по профил и по тип на установа.
Според него, ова е почеток на воспоставување регистар на работници во областа на здравството каде податоците ќе може да ги гледаат во реално време и да креираат здравствени политики базирани на точни и навремено ажурирани податоци.
Оваа анализа произлезе од еден темелен институционален процес на вкрстување на податоци од повеќе институции, како што се Централен регистар, Агенција за вработување, Лекарска комора, Стоматолошка комора, Фармацевтска комора, Управа за електронско здравство и Фонд за здравствено осигурување. Здравството не може да се реформира „на слепо“, не може да се планираат дежурства, листи на чекање, специјализации, интервентни тимови и здравствени услуги блиску до домот на секој граѓанин, ако не знаете точно колку луѓе работат во системот, каде работат, со каква стручност, додаде Алиу.

Македонски








